Светска банка: Македонија со раст на БДП од 3,2%
Највисоки стапки на раст имаат Црна Гора и Македонија со 3,4, односно 3,2 проценти, а најниска е во Србија – 0,5 проценти...

Светска банка оценува- закрепнува економскиот раст во шестте земји на Југоисточна Европа, растат и предизвиците. Клучен двигател се јавните инвестиции, намалувањето на цената на суровата нафта и зајакнатата надворешна побарувачка. Препорака да се продолжат реформите, за да се подобрат продуктивноста и конкурентноста на секоја земја од регионот на Западен Балкан.
Највисоки стапки на раст имаат Црна Гора и Македонија со 3,4, односно 3,2 проценти, а најниска е во Србија – 0,5 проценти. Македонија е издвоена како земја во регионот каде има позитивно движење во однос на невработеноста, односно истата е намалена во однос на 2008-та година, пред почетокот на кризата.
Светска банка нотира намалување на стапка на сиромаштија во Македонија за 2,8 процентни поени од 2010 до 2013, што укажува на подобрување на услови за живот. Се очекува следните години да продолжи да опаѓа благодарение на отварањето на нови работни места.
Светска банка препорачува решително продолжување на реформите за да се подобри продуктивноста и конкурентноста на секоја земја од регионот на западниот Балкан. Фискалните дефицити се главен двигател на јавниот долг смета банката, посочувајќи ги Албанија, Србија и Црна Гора во кои тој надминува 70% од БДП.
Зголемувањето на трошењата е суверена одлука на секоја земја, вели в.д. директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Горан Тињиќ, коментирајќи го растот на пензииите и социјалните надоместоци.
