Случај „Фолксваген“: Скандалот се прошири на „Ауди“ и „Порше“

28.09.2015 15:22

Германски обвинител се вклучува во случајот „Фолксваген“. Се покренува истрага против поранешниот генерален директор, Мартин Винтеркон. Скандалот со манипулирање на податоците за издувните гасови се прошири на „Ауди“ и на „Порше“. Според непотврдени информации, суспендирани се директорите на двата бренда...

Скандалот со Голф се прошири на Ауди и на Порше. На тестирањата за емисии на издувни гасови паднале 2,1 милиони автомобили на Ауди на светско ниво. Од нив, 1,42 милиони се во Европа, а во Германија дури 577 илјади и уште 13 илјади во САД. И во нив бил вграден софтверот што и овозможи на компанијата-чадор да мами на тестовите во САД. Автогигантот се сомнева во 11 милиони автомобили. Швајцарија и Белгија ја запреа продажбата, а Сузуки ќе му го продаде на Фолксваген својот удел од 1,5 проценти.

„Дефинитивно има проблем и во Белгија. Мислиме дека се продадени максимум 500 илјади возила. Не ја знаеме точната бројка и не знаеме колку го имаат софтверот“, изјави Крис Петерс, министер за економија на Белгија.

„За сега зборуваме за Фолксваген, Ауди, Сеат и Шкода произведени од 2009 до 2014 година, со дизел мотори од 1,2 литри, 1,6 литри и 2 литри. Тие возила се под истрага“, рече Гвидо Биелман, портпарол на Федерални патишта во Швајцарија.

По оставката на Мартин Винтерком, на негово место беше назначен директорот на Порше Матијас Милер. Според непотврдени извори, Фолксваген ги суспендирал директорите за истражување и развој на двата клучни бренда. Скандалот го оцрни името на Фолксваген, го изложи на казна од 18 милијарди долари во САД и збриша третина од неговата вредност.

Софтверот во дизел моделите што детектира кога се тестира моторот и ги менува перформансите за подобар резултат го откри американската Агенција за заштита на животната средина. Германија негираше дека ги игнорирала предупредувањата пред две години дека била користена технологија за измама. Фолксваген има рок до 7-ми октомври да се приспособи кон стандардите за издувни гасови.

 

Ивана Салтировска