Македонија ја разгледува можноста за нова мисија на ОН

29.09.2015 10:26

Обединетите нации упатија повик до земјите членки да ги зајакнат мировните мисии под знамето на светската организација. Македонија ја разгледува можноста за нова мисија на Обединетите Нации, заедно со земјите од Југоисточна Европа, Италија или САД. Министрите за одбрана и за надворешни, Јолевски и Попоски, учествуваа на дебата за мировните мисии, на која беа присутни американскиот и рускиот претседател, Обама и Путин...

Светот има потреба од мировни мисии како никогаш досега, изјави Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун во обраќањето до 50-те земји членки што учествуваа на дебатата во Њујорк,  со барање за повеќе мировници. Македонија од земја каде пред дваесет години имаше превентивни мировни мисии на Обединетите нации прерасна во држава која има еден од најголемите придонеси по глава на жител во мировните мисии во светот. Министерот за одбрана, Зоран Јолевски најави дека покрај учеството во мисија УНИФИЛ во Јужен Либан, се разгледува можноста за испраќање на македонски војници во нова мисија под знамето на Обединетите нации.

„Имав бројни состаноци. Една од иницијативите од моја страна што ја доставив до сите колеги од Југоисточна Европа во рамките на СЕДАМ министерскиот процес е заедничко упатување на војници во мировните мисии на Обединетите нации. Врз основа на тој документ што го предложив ќе разговараме и понатаму како да се поставиме по однос на ова прашање. Разговаравме и со Италија која е една од најголемите контрибутори во рамките на Обединетите нации од Европа, со цел упатување на наши војници и офицери во рамки на нивниот контигент. И трета опција за која разговараме и која ќе биде предмет на разговори во наредниве неколку денови во САД, е заедничко упатување на наши војници со Соединетите Американски Држави. Разговараме за заедничко упатување на Македонија, Вермонт- САД и Сенегал“, изјави министерот за одбрана, Јолевски.

Обединетите нации имаат 125 илјади мировници во 16 држави во светот. Но потребно е формирање на мировни сили со поголем мандат што можат да одговорат на предизвиците од терористи и екстремисти коишто не ги почитуваат меѓународните закони. 

На 70 Генерално Собрание во Њујорк присуствуваат над 150 делегации од сите земји во светот, меѓу кои и македонската делагација која е најбројна досега.

 

Ирина Гелевска, специјален известувач од Њујорк за МРТ