Франција: 17 загинати во силното невреме на Азурниот брег
Во силната бура на Азурниот брег, кадешто се уште трае туристичката сезона, за само три часа наврнале 180 милиметри дожд. Поплавени се улиците на Кан, Антиб, Ница и други места...

Бројот на настрадани во невремето што во текот на викендот го погоди југоистокот на Франција се искачи на 17, а четворица се водат како исчезнати. Во силната бура на Азурниот брег, кадешто се уште трае туристичката сезона, за само три часа наврнале 180 милиметри дожд. Поплавени се улиците на Кан, Антиб, Ница и други места. Повеќето од загинатите настрадале во автомобили, заробени во поплавените подземни гаражи.
„Автомобилот почна да плови, а потоа водата надојде овде. Јас бев внатре. Ги собрав сите важни работи и врескав по помош.“
„Мислев дека ќе умрам. Мислев дека водата ќе ме однесе. Успеав да се задржам некако и да се искачам на ова дрво.“
„Водата течеше како потоци. Течеше од сите страни, а автомобилите почнаа да пливаат како бродови. Не остана ниту еден автомобил на паркингот. Празно беше“, сведочат жителите.
Според медиумите, најдраматично било во Манделје-Ла-Напул, општина што граничи со Кан, каде седум лица загинале, а едно се води за исчезнато. Во Кан настрадале три лица и две се исчезнати.
Претходно беше објавено дека три штитеници на Домот за стари лица во гратчето Биот настрадале бидејќи вработените во домот преку ноќта не успеале на сигурно да ги префрлат сите луѓе.
Едно тричлено семејство настрадало во автомобил кој се заглавил во тунел. Претседателот Оланд прогласи природна катастрофа во погодената област. Се очекува во брзо време овие општини да добијат финансиска помош од државниот буџет и од осигурителните компании.
Марина Автовска
