Фолксваген автомобилите ги задоволуваат нормативите кои важат во Македонија

05.10.2015 17:01

Случајот „Фолксваген“ се уште ја бранува светската јавност. Американците открија дека софтверот во одредени автомобили давал лажни податоци на тестирањата за емисијата на штетни гасови. Проценките се дека на светско ниво се засегнати околу 11 милиони возила. Фолксваген автомобилите ги задоволуваат нормативите кои важат во нашата земја, место за паника нема, велат од Порше Македонија...

Фолксваген автомобилите ги задоволуваат нормативите кои важат во нашата земја, вели првиот човек на Порше Македонија за Бизнис 365. Во државава е дозволен увоз на возила со Еуро 4, а спорни се автомобилите произведени по Еуро 5 стандард. Според Муцунски, Фолксваген прави темелна екстерна истрага, тектонски поместувања има и во менаџментот на групацијата. По нарушениот германски имиџ за квалитет, се бараат решенија за враќање на довербата кај клиентите.

„Кон проблемот ќе се пристапи со максимална транспарентност, нема да ја ставиме главата во песок и да бегаме од клиентите, напротив, тоа што се работи во моментов е изработка на софтверски решенија кои што ќе ги вратат азотните оксиди во рамките на Еуро 5 стндардот и тоа ќе им биде понудено и на нашите клиенти, затоа што стандардот во земјава е Еуро 4, нашите клиенти ќе имаат можност да изберат дали сакаат нивните возила да добијат надградба“, изјави Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија.

Кај увезените автомобили во земјава се проверува само документацијата, дали нивото на стандардите и на техничките барања се пропишани во законот за возила. Во инспекцијата учествува и Машинскиот факултет. Оттаму велат дека нема причина за загриженост, со оглед на тоа што во земјава не се применуваат строги стандарди за емисија на издувните гасови од автомобилите.

„При увозот на нови возила во државата самата постапка на одобрување е законски уредена постои Законот за возила и подзаконските акти, така што техничките барања се јасно дефинирани во подзаконските акти, има 30-тина барања кои што треба да бидат задоволени и се врши проверка на нивото на исполнетост на тие барања“, вели Александар Костиќ, професор на Машински факултет.

Случајот „Фолксваген“ се уште ја бранува светската јавност. Откако американците открија дека софтверот во одредени автомобили давал лажни податоци на тестирањата за емисијата на штетни гасови, проценките се дека на светско ниво се засегнати околу 11 милиони возила.

 

Сунчица Николоска