Потпишан договорот со Светска банка, експерсниот пат од Крива Паланка до Ранковце- реалност
Изградбата на патот Крива Паланка-Ранковце, инвестиција тешка 83 милиони евра, ќе почне напролет следната година. Потпишан е договорот за заем од Светска банка. Ќе се подобри транспортната поврзаност на Коридорот 8, од Скопје до Деве Баир...

До крајот на 2019-та ќе биде отворен за сообраќај новиот експресен пат Крива Паланка- Ранковце, долг 26 километри. Ќе се гради со пари од Светска банка, а заемот вреден 78 милиони евра е добиен под исклучително поволни услови.
„Во последниве 20 години, Светска банка ѝ одобри на земјава финансиска поддршка од милијарда и 960 милиони долари, со кои се реализирани бројни проекти во повеќе области: транспорт, земјоделство, здравство, образование итн., а дел биле грантови“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Банкарите од Вашингтон очекуваат овој проект да ја зајакне интеграцијата на земјата во регионот и во ЕУ, да ги намали трошоците за логистика, да ја подобри мобилноста на населението и да го олесни пристапот до нови пазари.
„Новиот проект има за цел да ја подобри транспортната поврзаност за корисниците долж Коридорот 8, помеѓу Скопје и Деве Баир преку изградба на нов поширок пат меѓу Ранковце и Крива Паланка во должина од 26 километри“, изјави Бојана Нацева, в.д. директор на канцеларија на Светска банка во РМ.
„Се реализираат услови за засилена трговија, за полесен транспорт на луѓе и на стока и конешно предуслов за забрзан развој на туризмот“, смета вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Новиот пат ќе вклучува по една сообраќајна лента во секоја насока на движење и по една лента за застанување на возилата. Широчината на коловозот е променлива и ќе изнесува од 11,4 до 12,5 метри.
„Екпресниот пат ќе има 22 моста и вијадукта, 9 натпатници, 13 пропусти и 2 клучки“, рече Александар Стојанов, директор на ЈП за државни патишта.
Заемот од Светска банка е добиен под исклучително поволни услови, рок на отплата од 28 години со вклучен грејс период од 8 години и каматна стапка од 6 месечен ЕУ- либор која во моментов изнесува 0,88%.
Владата донела одлука да се прошири целосно и делницата од Крива Паланка до Деве Баир и веќе е во тек фазата на проектирање, најави вицепремиерот Ставрески.
Свето Николовски
