Се уште без договор за изборната регулатива
Извесно е дека предлог-законите за необјавување на прислушуваните разговори и за таканаречените „свиркачи“, ќе бидат усвоени во Собранието до 20-ти октомври...

Нема напредок во разговорите на 4-те политички партии за изборната регулатива. Извесно е дека предлог-законите за необјавување на прислушуваните разговори и за таканаречените „свиркачи“, ќе бидат усвоени во Собранието до 20-ти октомври.
Вчера попладне, предлагачите, Талат Џафери од ДУИ и Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, го повлекоа предлог-законот од собраниска процедура. Се поизвесно е дека дијаспората нема да избира свои претставници на предвремените избори.
Позициите се спротивни, ДУИ и ДПА сметаат дека дијаспората не треба да гласа, ВМРО-ДПМНЕ е за, додека СДСМ бара да се обезбедат механизми, пратениците од дијаспората да бидат избрани со минимум 80 насто од просекот гласови што во Македонија ги добива еден пратеник.
Иако нема конечен договор, партиски извори брифираат дека најверојатно пречистувањето на избирачкиот список ќе се врши делумно на терен и делумно со споредба на податоците на различните институции.
Државната изборна комисија добива поголеми надлежности, право да поднесува прекршочни пријави и директно да врши увид во изборниот материјал. Како и досега, по жалбите ќе одлучува Управниот суд, но на јавни седници.
Од Европската комисија повикаа на конечен договор меѓу партиите, бидејќи изборите се ближат.
