За 20 проценти повеќе патници на македонските аеродроми

09.10.2015 13:38

За разлика од аеродромите во Европската Унија, каде што во август просекот за пораст на бројот на патници е 5,2 проценти, ние бележиме пораст од 30 проценти на скопскиот и охридскиот аеродром во септември...

Преку аеродромите „Александар Велики’’ во Скопје и  „Св. Апостол Павле’’ во Охрид во првите девет месеци годинава патувале 1.183.728 патници, што е зголемување за 20 проценти во однос на истиот период лани. Од јануари до септември годинава на двата аеродроми се реализирани 11.695 летови, при што порастот на годишно ниво е 10 проценти, информира денеска од „ТАВ Македонија“, компанијата која оперира со македонските аердороми.

За разлика од аеродромите во Европската Унија, каде што во август просекот за пораст на бројот на патници е 5,2 проценти, ние бележиме пораст од 30 проценти на скопскиот и охридскиот аеродром во септември, споредено со истиот месец лани, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Зголемувањето на бројот на патници, наведува Крстевски, е резултат на маркетинг-политиките на ТАВ-холдингот за привлекување нови авиокомпании и зголемување на постоечките фрекфенции од македонските аеродроми. - Истовремено, од голема помош за континуираниот пораст на вкупниот сообраќај е и поддршката на Владата за нискобуџетните авиокомпании, како и се почестото присуство на странски туристи во Македонија, нашите иселеници кои почесто ја посетуваат татковината, како и младите луѓе кои сакаат да патуваат и откриваат нови дестинации, изјави Крстевски.