Две нови инвестиции во ноември- нови две илјади вработувања

12.10.2015 16:14

Американски компании во ноември ќе ја официјализираат инвестицијата во земјава, најави премиерот Груевски...

Две нови инвестиции во ноември и вработување за 2 илјади луѓе најави премиерот Груевски. И двете се американски компании. Во ноември ќе ја официјализираат својата инвестиција во земјава. Едната ќе вработи дополнителни 500 луѓе, а втората ќе отвори 1.500 работни места. Груевски потенцираше дека ова се сигурни инвестиции, а има и други што ќе ги објават кога ќе имаат дозвола од самите компании.

„Јас зборувам за она што е веќе реализирано и затоа зборувам за она што ќе се случи, а во СДСМ критикуваат оние коишто во нивно време се водеа неуспешни политики. Нашите резултати се видливи со голо око. Само да се отиде до Бунарџик, ќе се види дека има бројни фабрики, а бројни се и слободните зони низ целата земја“, рече Груевски.

Расте бројот на вработувањата, но се зголемува и извозот од зоните. Директорот на технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо очекува дека годината ќе заврши со многу поповолни резултати.

„Ако минатата година имаше извоз од една милијарда и 170 милиони евра, сметам дека оваа година може да ја надминеме бројката од 1,3 милијарди евра“, изајви Виктор Мизо, директор на ТИРЗ

Според премиерот Груевски, до Нова година ќе има 24 илјади вработени. Германската „Костал“ во ноември треба да го потпише договорот со Владата и веднаш да почне со браунфилд инвестиција. Од пролет ќе ја стартува изградбата на новата фабрика во зоната во Охрид - Струга, веднаш до „ОДВ Електрик. Се планираат илјада директни вработувања, а ќе има и индиректни вработувања. И италијанската „Технохозе“ во ноември ќе ја отвори втората фабрика и ќе вработи 150 луѓе.

Сунчица Николоска