Мигранти: Тензии и блокади на Балканската рута

19.10.2015 15:15

Заглавија мигрантите на патот кон Западна Европа, нивната рута е блокирана. Словенија одбива да прима повеќе отколку што може да трансферира во Австрија, по што во Србија заглавија 10.000 мигранти...

Нови тензии на балканската мигрантска рута – во Србија само изутринава влегле над 1.600 бегалци од Македонија. 10 илјади чекаат на српско-хрватската граница, каде што полицијата ги блокира. Хрватските капацитети се преполни, а Словенија одбива да прими повеќе луѓе отколку што може да препрати во Австрија. За сега земјите одрекуваат дека има каков било прекин во комуникацијата меѓу нив.

„Хрватска не одговара на нашите повици. Тоа е голем проблем за нас бидејќи не можеме да предвидиме со сигурност каде и колку мигранти ќе дојдат во нашата земја. Хрватска не го почитуваше договорот бидејќи продолжи да праќа огромен број бегалци кон Словенија“, изјави Весна Гјеркеш Жнидар, министерка за внатрешни работи на Хрватска.

„Знам дека Словенија е организирана земја и се договоривме претходно, но Хрватска нема да биде жешка точка, земја во која мигрантите ќе се задржуваат спонтано или по договор со некои земји. Не можеме да прифатиме поголем број, во во кампот во Опатовац има над 5.000 бегалци“, рече Зоран Милановиќ, премиер на Хрватска. 

Нови автобуси и такси возила ги шетаат бегалците од еден граничен премин на друг, во обид да влезат во Хрватска. Кај Беркасово, по цела ноќ помината на дожд, смрзнати и изморени, бегалците од српската страна на границата викаат „Отворете ја вратата“ додека хрватската полиција поставува ограда за контрола на приливот.

„Не можеме да ја поминеме границата ако нема добра комуникација меѓу Хрватска и Србија. На децата им треба лекарска помош, а има и многу стари луѓе“, вели Тарек, сириски бегалец.

„Местово не е добро опремено за прием на бегалци. На студ сме, во кал и има премногу народ. Апелираме до владите да помислат на нашето страдање“, додава Фарук, сириски бегалец.

Хрватската полиција врати воз и повеќе автобуси со бегалци кои го продолжија пеш патот кон Западна Европа. Додека хрватските власти тврдат дека ситуацијата е под контрола, дел од опозицијата тврди дека е сосем спротивното – влегле повеќе бегалци отколку што излегле. Во меѓувреме, во Србија бегалските кампови се преполни, полицијата успеала да регистрира над 5.600 деца и бремени жени, а од УНХЦР апелираат за храна и ќебиња. Земјите од Балканот апелираат проблемот со приливот да се реши во Турција и во Грција.

 

Ивана Салтировска