Прв грчко – македонски бизнис форум во Солун
Бизнисмените од Македонија и од Грција очекуваат да се надмине неславната статистика дека двете земји немаат потпишано ниту една билатерална спогодба досега. Тоа e услов доколку сакаме подинамична економска соработка, порачуваат бизнис заедниците...

Македонските и грчките бизнисмени седнаа на иста маса. По иницијатива на Универзитетот Колумбија во САД учествуваа на првиот грчко – македонски бизнис форум. Лидерите на секторите градежништво, транспорт, туризам, земјоделство разговараа за стратешките и идните планови и за заеднички настап на трети пазари.
„Се разговараше за учество во заеднички проекти од интерес на двете страни особено во секторот туризам, како и за одредени анализи на кои двете страни би можеле да работат, а се поврзани со Коридорот 10“, изјави Дејвид Филипс, професор на Универзитетот Колумбија во САД.
Според Данела Арсовска, претседателот на ССК, бизнисмените и натаму ќе продолжат успешно да соработуваат и да бидат поттик за предизвиците меѓу двете соседски земји.
„Се надеваме дека во наредните години ќе успееме да ги надминеме бариерите кои ги имаме, особено поради тоа што Македонија и Грција се единствени соседски држави кои немаат потпишано ниту еден билатерален договор. Веруваме дека во иднина ќе успееме ги продлабочиме деловните релации, иако во бизнис секторот сме доказ дека онаму каде што се сака политиката нема влијание“, нагласува Арсовска.
И Грчката бизнис асоцијација апелира за подобрување на бизнис реалациите особено сега кога нашата земја има зголемен број на странски инвестиции и кога на Грција и се потребни инвестиции во странство.
„Току затоа тие односи треба да се подобрат и да се зголеми соработката меѓу коморите, за да може бизнис заедницата да апелира до политичарите да ги надминат проблемите“, вели Киријакос Луфакис, претседател на Грчката интернационална бизнис асоцијација.
Оваа иницијатива според солунскиот градоначалник Бутарис треба да донесе подобра иднина за бизнисот.
„Најдобро за развој на бизнисот е заедничка соработка на двете земји, не само Грција да инвестира во Македонија и обратно, туку заеднички да инвестираме во нови начини за водење бизнис“, смета Јанис Бутарис, градоначалник на Солун.
Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најзначајни наши надворешно-трговски партнери.
Вкупната трговска размена со Грција во првите осум месеци од 2015 година достигна вредност од 397 милиони евра. Првиот грчко – македонски бизнис форум отвора нови можности за засилена соработка и зближување на бизнис релациите меѓу двете земји.
Сунчица Николоска, специјален известувач од Солун за МРТ
