Москва: Уништен е главниот центар за обука на Исламска држава

19.10.2015 17:33

Бомбаредерите „Сухој Су-25“ во два напада, користејќи бомби со голема експлозивна сила го уништиле главниот тренинг-центар на терористите на ИД кај градот Латакија којшто претходно го открила руската разузнавачка служба

Руските борбени авиони за 24 часа извеле 33 воздушни напади на 49 цели на Исламска држава во Сирија и го уништиле главниот тренинг центар на терористичката организација, вели портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков.

Бомбаредерите „Сухој Су-25“ во два напада, користејќи бомби со голема експлозивна сила го уништиле главниот тренинг-центар на терористите на ИД кај градот Латакија којшто претходно го открила руската разузнавачка служба, прецизирал Канашенов.

Според неговите зборови уништени се две командни места на ИД, три магацини со оружје и муниција, два подземни бункера, 32 лансирни позиции на планински терен, како и еден објект за производство на лансирачи и проектили.

Министерството за одбрана навело дека се гаѓани мети лоцирани во провинциите Алеп, Дамаск, Идлиб, Латакија и во Хама, пренесува Ројтерс. Како што се вели во информацијата, во Идлиб е уништен командниот центар Нусра Фронта. Во операциите на руската војска против Исламска држава учествуваат воздушни сили со преку 50 авиони и хеликоптери, но и руската морнарица, наведува Тас.