САД: Строги проверки на бегалците

22.10.2015 10:30

Бегалците коишто ќе бидат примени во Соединетите Американски Држави ќе мора да поминат строги проверки. Првите луѓе на Агенцијата за домашна безбедност и на Федералното Биро за истраги сведочеа пред комитетот за „Хоумленд Секјурити“ во Конгресот дека постои опасност дека меѓу бегалците има и екстремисти за коишто се уште нема досие...

Американските безбедносни агенции се сериозно загрижени дека меѓу бегалците од Сирија можеби ќе има и припадници на терористички групи. Сите бегалци коишто ќе бидат примени во Соединетите Американски Држави ќе бидат подложени на строга проверка, најави секретарот на Хоумленд Секјурити, Џех Џонсон.

„Преземаме и ќе продолжиме да преземаме мерки за откривање и спречување на патувања на странски борци заедно со ФБИ. Неодамнешните напади и обиди за напади овде и во Европа создава нова реалност на терористичката закана“, вели Џех Џонсон-секретар на Хоумленд Секјурити“.

Опасноста за напади од поголем размер како оној изведен од Ал-Каеда во 2001-та е помала, но заканите метастазираа, се појавија многу помали терористички групи. Се поголем е бројот на приврзаници на ИДИЛ регрутирани преку социјалните мрежи, оцени Директорот на ФБИ Џејмс Комеј. 

„Само во последниве неколку месеци, помалку луѓе се обидоа да заминат и се приклучат на ИДИЛ во Сирија. Имаше шестмина во последниве три и пол месеци или вкупно деветмина во претходните месеци. Не знам како да го протолкувам ова. Една можност е дека не ги согледуваме како порано и тие се уште заминуваат. Друга можност  е дека нашите напори да ги затвориме и казниме за заминувањето вродија со плод, со помош од колегите од целиот свет особено Турците“, изјави Џејмс Комеј-директор на Федералното Биро за истраги.

Од 2014-та досега, во САД биле спречени 17 завери за терористички напади од 70 приврзаници на ИДИЛ. Бегалската криза во Европа и фактот дека 38 држави имаат безвизен режим со Америка, ја зголемува опасноста од напади.

Десет илјади бегалци од Сирија веќе се прифатени во САД. Идната година треба да бидат примени уште 100 илјади. Одлука на која се спротиставуваат многу американски конгресмени.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ