Гардистите се ликот на Армијата

23.10.2015 15:17

Не секој може да биде дел од оваа елитна единица. При пречек на странски државници, но и на домашни свечености се дел од редовниот протокол, кадешто нема место за грешка. Батаљонот за почести е под директна ингеренција на началникот на генералштабот на АРМ...

Марш или строев чекор со државното знаме в раце, во свечена униформа. Строевиот марш на гардистите е олицетворение на моќ, сигурност и на цврстина. На секоја прослава оваа единица е на почетокот, пред сите други армиски родови. Баталјонот за воени почести се смета за една од елитните единици во македонската армија. Војниците во свечени униформи се дел од редовниот протокол на дочек и испраќање на највисоките гости на нашата држава.

Критериумите за прием  се исклучително строги и за некој да стане  дел од гардата мора да ги исполни највисоките здравствени и  психофизички нормативи. Дополнително на сé, во селекцијата на овие луѓе многу влијаат и се ценат надворешниот изглед и височината. Гардиската униформа ги отсликува белезите на државноста. Од пред 4 години, во армијата се воведе светската практика да има повеќе модели на гардиска униформа за различни пригоди. Освен празничната,има и свечена и церемонијална униформа.

Право на построен баталјон имаат само претседателите и премиерите. На сите други им следува само чета. Бројот на гардистите што се ангажира е секогаш различен.

Единицата за почести која е продолжување на првата гардиска бригада,формирана по осамостојувањето на Македонија во 92-та година,официјално почна да функционира во јули 2002-та.

Милчо Велески