Груевски: Засилена економска соработка со ОАЕ
Премиерот Груевски оствари средба со премиерот на ОАЕ, Шеик Мохамед бин Рашид Ал Мактум, кој во исто време е и Владетел на Емиратот Дубаи. Соговорниците ја истакнале потребата и интересот за унапредување на економската соработка...

За засилената економска соработка со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), особено во делот на инвестициите, било разговарано на средбата на премиерите Никола Груевски и Мохамед Рашид Ал Мактум, во Дубаи.
„Со оваа средба сакаме да ги зајакнеме и политичките релации и особено економски релации со Обединетите Арапски Емирати. На средбата зборував за можностите за подобрување на економската соработка, инвестициите од Дубаи во Република Македонија, презентирав и конкретни проекти каде евентуално би можеле дубајските компании да инвестираат во Република Македонија. Mислам дека средбата ќе допринесе кон зајакнување на нашите релации, како политичките, а уште повеќе економските релации, можностите за правење бизнис, а преку тоа и можностите за отворање на нови работни места во Република Македонија“, изјави премиерот Никола Груевски по посетата.
Во владината делегација се и вицепремиерот Пешевски, како и министрите за надворешни и за транспорт, Попоски и Мисајловски.
Шеикот на една од најбогатите земји во светот бил поканет наскоро да ја посети Македонија.
