Економијата ги чувствува последиците од политичката криза

26.10.2015 16:11

Централната банка ги крои новите проекции кои наскоро ќе ги објави. Гувернерот Богов предупредува – економијата ги чувствува последиците од политичката криза. Светска банка за годинава прогнозира раст од 3,2 процента...

Mакедонската економија успешно се справи со политичките случувања во првата половина од годинава и со последиците од грчката криза, но ризици има. Гувернерот Богов очекува- ако се реши политичката криза во земјава, да се обезбеди и поголема извесност во економијата. Најави дека Народната банка многу брзо ќе ги објави најновите  прогнози за оваа и за наредната година.

„Во април излеговме со проекција од 4,1 процент економски раст за оваа година. Веќе е јасно дека тој нема да се оствари, односно ќе биде понизок. Во моментов ги работиме проекциите и за недела до две ќе излеземе јавно и ќе кажеме колку се нашите најнови очекувања за економскиот раст во оваа, а и за наредната година“, изајви гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Во најновиот извештај, Светска банка проектира раст на македонската економија од 3,2 проценти.  За наредната година 3,4 проценти, и во 2017-та 3,7 проценти. Главен двигател на ваквиот раст, според Светска банка, ќе бидат зголемените јавни инвестиции, зголемениот извоз и зголеменото индустриско производство. 

Се очекува намалување на стапката на сиромаштија и зголемување на вработеноста. Во извештајот се посочува дека невработеноста е намалена од 28,4 на 27,3 проценти. Намалување на невработеноста, особено кај младите е наведено како еден од предизвиците што стојат пред Македонија, заедно со справувањето од можните последици од политичката криза и фискалната консолидација.

 

Дијана Ценевска