Потврда за реформите: Македонија со најдобро рангирање на „Дуинг бизнис“ досега
6- та во Европа, 12– та во конкуренција на 189 држави. Рекордно висока позиција за Македонија во најновиот извештај на „Дуинг бизнис“. Според премиерот Груевски, ваквото рангирање е резултат на посветеноста на работата и на спроведените реформи. Пред 9 години Македонија беше на 94-тата позиција, сега има раст за 82 места...

Први во регионот, 6-ти во Европа пред 24 земји – членки на Унијата, 12-ти од 189 држави во светот. Светска банка во најновиот извештај високо ја позиционираше Македонија во рангирањето за деловната клима, како исклучително поволна дестинација за правење бизнис. Земјава бележи напредок во сите анализирани индикатори, скокот во однос на ланскиот „Дуинг бизнис“ извештај е за 18 позиции, споредено со пред 9 години, сме напреднале за 82 места.
„Иако овој резултат е изненадување за многумина, ние веруваме во реформите кои ги спроведуваме, а кои ги инкорпорираат најдобрите светски практики, прилагодени на наши услови. Ова рангирање е резултат на сработеното. Освен верификација на нашоте напори за креирање поволна бизнис – клима, ова е сигнал за домашните и за странските инвеститори, кои овој извештај го оценуваат како релевантен при носењето одлука каде да ги вложат своите средства“, изјави премиерот Никола Груевски.
Македонија е на второто место во светот за стартување бизнис, процедурата е брза и ласна, го поттикнува претприемачкиот дух. 7-ми сме во делот на плаќањето даноци, ниските даночни стапки ослободуваат повеќе пари за бизнисот. Македонија е 10-та во делот на издавање градежни дозволи, високо котира кога е во прашање заштитата на малцинските инвеститори. Кај сите индикатори е регистриран напредок, иако треба повеќе работа во делот на пристапот до електрична енергија, регистрацијата на имот, добивањето кредити.
„Неверојатно, во индикаторот започнување на бизнис, Македонија од 189 земји се искачи на второто место, веднаш по Нов Зеланд. Во основа, процесот за започнување на бизнис во Македонија е многу лесен и едноставен“, изјави Валентина Салтане од Светка банка.
Ова е потврда на вложениот труд и мотив да се продолжи во создавањето подобар стандард на граѓаните – оценува премиерот.
„Ова е пример како со посветена работа и заеднички труд може многу да се постигне. Ова е вреднување на трудот, а реформите се за граѓаните. Ниту една реформа не се прави сама за себе, туку за нашата голема цел – подобрување на стандардот и создавање подобри услови за живот на граѓаните“, потенцира премиерот Груевски.
Најдобро рангирани земји во извештајот се Сингапур и Нов Зеланд, а од европските земји, пред Македонија се Данска, Шведска, Норвешка, Финска и Велика Британија.
Мартин Пушевски
