Строга селекција на мигранти за влез во Германија
Германските бизнисмени се скептични за бегалската криза и начинот на која таа се контролира во Германија, па затоа со резолуција бараат што е можно побрзо германските власти да направат селекција и одредат кои бегалци можат да останат во земјата. Новинарите пак сметаат дека бегалската криза ќе доведе до уште поголема поделеност во Европската Унија и нејзин можен крај...

Никој не го знае точниот број на бегалци во Германија, соопшти претставникот на германската индустрија и трговија Томас Зелке во Вашингтон. Според него до крајот на годинава во Германија ќе има најмалку 1,5 милиони бегалци од Сирија, коишто иако се добредојдени како нова работна сила, сепак не сите бегалци треба да останат во Германија.
„Ако ги затвориме границите, сепак тие нема да бидат затворени, бидејќи луѓето ќе бараат начини по копнен пат за да стигнат во Германија. Не смееме и не сакаме од очигледни причини да имаме ѕид, бидејќи земјата беше поделена внатре. Затоа мора да има други решенија. Бараме побрза селекција на бегалците коишто може да останат“, изјави Томас Зелке, претседател и директор, претставник на германската индустрија и трговија.
Германија има отворени граници со 9 соседи, па затворањето на границите не е можно без нивна соработка. Германскиот министер за внатрешни работи затоа бара промени во шенген договорот.
„Кога канцеларот или одговорен политичар оди на едно од најгледаните тв програми и вели дека не смееме да ги затвориме границите, тоа звучи како покана до сите да дојдат во Германија. Можеби ќе се воведе некоја гранична контрола, но канцеларката рече дека не можеме да ги контролираме сите што сакаат да дојдат. Тоа на некој начин е безусловно предавање на државата. Државата мора да ја обезбеди територијата, барем да проба“, вели Ансгар Граф, дописник на „Ди Велт“ од Вашингтон.
Германските претставници се согласуваат дека Европската Унија не може да се справи со бегалската криза без соработка од сите земји членки. Германија не може да ги прима сите бегалци, па оние бегалци коишто бараат азил од економски причини најверојатно ќе бидат депортирани од Германија.
Доколку Германија ги затвори границите за бегалците, ќе настане најголемата хуманитарна криза на Балканот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
