Бејрут: Над 40 жртви во серија самоубиствени напади

13.11.2015 10:25

Серија самоубиствени напади во Бејрут. Загинати над 40 лица. Одговорноста ја презеде Исламска Држава. Во Либан е ден на жалост...

Ден на жалост во Либан по вчерашните самоубиствени напади, во кои загинаа 43 лица, а повеќе од 200 се повредени. Локалните власти стравуваат дека бројот на загинати ќе расте бидејќи голем дел од повредените се во критична состојба. Има и исчезнати.

„Во моментот е многу тешко да кажам точна бројка колку луѓе се повредени. Има четириесет луѓе згрижени во болницата Бахма, уште осумдесет во Сахел. Најтешко повредените се пренесени во нашата најголема болница Ал Расул. Се надеваме дека повредите брз ќе закрепнат“, изајви Ваел Абу Фаур, министер за здравство.

Од дентонациите е направена голема материјална штета на околните згради, а очевидци велат дека сликата била страотна, насекаде имало делови од човечки тела.

„Кога ја слушнав експлозијата само се молев да останам жив. Од силната детонација една врата падна врз мене“, изајви сведок на нападите.

Една експлозија се случила пред трговскиот центар Бурџ Ал Бараџех во јужниот дел на Бејрут, кој претежно е населен со Шиити. За време на инцидентот во молот и на улиците имало голем број луѓе. Втората експлозија била активирана во близина на училиште, соопшти претставник на полицијата.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска Држава, но ваквите наводи се уште не се потврдени. Ова е прва експлозија во бејрутско предградие од јуни 2014. Познавачите велат дека состојбата може да ескалира, а бранот насилства да продолжи како реакција на постојаната нетрпеливост меѓу Хезболах и групите поврзани со Ал Каеда.  

 

Марија Петковска