Охрид прераснува во образовен центар

13.11.2015 16:47

Филмска режија, музика за филм и сценографија и костимографија – ова се трите насоки кои се планира да се воведат на Филмската академија во Охрид, која почна со работа пред еден месец. Таа сега е во рамки на Охридскиот универзитет, но, ќе има свој простор со адапцијата на касарната „Генерал Михајло Апостолски“...

Охрид прераснува во едукативен и образовен центар во Европа. Покрај големиот број универзитети, пред еден месец почна да работи и Филмската академија од Прага, петтата најстара филмска школа во светот. Осум години интензивно се работело на овој проект. Премиерот Груевски остварувал средби со деканите, министрите и со чешкиот колега, за да ги убеди дека македонскиот туристички бисер е местото каде ФАМУ треба да ги лоцира своите дисперзирани студии.

Груевски разговараше со професорите за идните планови и наставната програма, а присуствуваше и на предавањето по сценаристика, кое го водеше режисерот Иво Трајков. Филмската академија е сместена во рамките на Охридскиот универзитет, но со адаптацијата на касарната генерал Михајло Апостолски, овој објект ќе биде целосно наменет за потребите на академијата.

Институтот за Филм е плод на повеќегодишната соработка помеѓу владите на Македонија и Чешка и на престижната филмска и телевизиска школа во Прага. Стипендии добија 12 домашни и странски студенти. Наставата  ја следат на постдипломските студии на катедрите за сценаристика и драматургија и за креативна продукција. Наставниот кадар освен редовните, го сочинуваат и визитинг професори од ФАМУ во Прага.

 

Викторија Милевска