Инфраструктура: Нов експресен пат Штип-Радовиш

18.11.2015 14:48

Штип и Радовиш ќе се поврзат со експресен пат. Изградбата ќе почне следната година. Финансиски средства во износ од 64 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во првиот квартал следната година се очекува да стартуваат и градежните активности на патот Штип- Кочани- Делчево...

Ќе се гради експресниот пат Штип - Радовиш. Потпишан договорот за заем вреден 64 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Ова ќе претставува модернизација на патната инфраструктура во источниот и југоисточниот дел од земјава, вели вицепремиерот  Ставрески. Со изградбата на автопатот Скопје- Штип и неколку патни правци кои или се почнати или се планира да започнат ќе се овозможи економски развој. Од идната година над 200 милиони евра се предвидени за подобрување на патната инфраструктура.

„Со договорите што денес ги потпишавме за заем и за гаранција со ЕБОР, обезбедени се 64 милиони евра, за изградба на експресен пат од Штип до Радовиш. Станува збор за пат во должина од 39 километри, модерен пат кој значително ќе ја подобри патната инфраструктура во југоисточниот дел на земјата, односно ќе обезбеди поврзување на целиот југоисточен регион“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Вицепремиерот Стварески истакна дека заемот е одобрен под поволни услови со рок на отплата од 15 години, четири години грејс период и каматна стапка која во моментов изнесува 0,99 отсто.

Европската банка за обнова и развој ја продлабочува регионалната интеграција во Западен Балкан и ја зајакнува транспортната инфраструктура со финансирање  и  модернизацијата на македонската национална патна мрежа.

„Ова е 14-ти проект на ЕБОР во транспортниот сектор во Македонија, со што вкупните средства кои ги даваме во форма на заеми за транспортната инфраструктура изнесуваат приближно 660 милиони евра. Оваа импресивна бројка е одраз на одличниот однос кој го имаме со владата“, вели директорката за транспорт при ЕБОР, Сју Барет.

Оваа трансакција е значајна за регионот на Западен Балкан, бидејќи ќе ги подобри конекциите на транспорт и трговија со Европската Унија, им помага на економиите да растат и ја подобрува меѓуграничната трговија.

Изградбата на патот Штип- Радовиш ќе започне во почетокот на 2016- тата година. Ќе има по една сообраќајна лента и пет подделници.

„Со реализацијата на овој проект ќе се изгради нов експресен пат на делницата Штип- Радовиш во должина од 39 километри, со по една лента во двете насоки и со две ленти од двете страни за застанување“, рече Александар Стојановски, директорот на ЈП за државни патишта.

Со изградбата на патот Штип- Радовиш, како и со другите проекти од патната инфраструктура ќе се овозможи до Скопје да се пристига за само еден час.

 

Дијана Ценевска