Иванов: Името да не биде пречка за соработка меѓу безбедносните служби на Македонија и Грција

21.11.2015 10:21

Прашањето на спорот за името ги блокира другите прашања, со кои сме оптоварени сега. Во овој момент ни е потребно нивото на доверба и соработка да бидат подигнати на максимум, изјави претседателот Иванов...

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја повика Грција да не дозволи соработката меѓу двете земји во областа на безбедноста и понатаму да биде заложник на нерешениот спор за името.

„Прашањето на спорот за името ги блокира другите прашања, со кои сме оптоварени сега. Во овој момент ни е потребно нивото на доверба и соработка да бидат подигнати на максимум. Мораме да имаме соработка меѓу нашите полициски служби. Прашањето за името не може да биде изговор за да нема соработка меѓу безбедносните служби“, изјави претседателот Иванов.

Иванов оваа порака ја упати на вчерашниот брифинг за група новинари од некои од водечките грчки медиуми во врска со бегалската криза, кои се во посета на Македонија.

Претседателот подвлече дека, и покрај најавите за соработка по неодамнешниот самит свикан од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, Македонија се уште нема пристап ниту до базите на податоци на Фронтекс и Шенгенската заедница, дури ниту за да може да доставува информации кои македонските служби ги собираат во текот на бегалската криза.