Иванов: Интеграцијата ќе стави крај на кризите
Единствениот начин Македонија да го продолжи интегративниот процес и да се стави крај на континуираните политички кризи кои во голема мера се резултат токму на статус-кво состојбите во интеграциите е Македонија да ги почне преговорите со унијата, изјави претседателот Иванов пред првиот човек на Европскиот совет. Доналд Туск повтори дека ЕУ е партнер на земјава. Главната причина за неговата посета денеска е бегалската криза за која рече дека целта е да се намали бројот на мигранти...

Република Mакедонија стана школски пример, за тоа како не треба да се постапува со земја- кандидат за членство во Eвропската унија. Сакам јасно да порачам дека единствениот начин, Македонија да го продолжи интегративниот процес и да се стави крај на континуираните политички кризи, кои во голема мера се резултат токму на статус-кво состојбите во интеграциите, е Македонија да ги почне преговорите со Унијата – директна порака на претседателот Ѓорге Иванов до првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск. Ја цениме вашата посета, но граѓаните кои се заморени од чекањето, на вашето внимание гледаат како задоцнето– рече Иванов.
Доналд Туск за евроинтеграциите на земјава сосем кусо и на крајот од своето излагање- ЕУ е ваш партнер, рече тој.
Во однос на бегалската и мигрантска криза претседателот Иванов нагласи дека помошта од Европската унија не е пристигната, а Македонија досега сама потрошила над 10 милиони евра. Селекцијата на бегалци и мигранти носи ризик по безбедноста, оцени Иванов. Претседателот на Европскиот совет, пак вели целта е да ги намалиме бегалците, а не да го подобриме протокот. И овој пат вети помош за земјава.
Туск оствари средба и со македонскиот премиер Никола Груевски. Била истакната определба на владата за интеграција на земјата во Европската унија и НАТО. Груевски ја искажал посветеноста кон реализацијата на реформите за унапредување на европските стандарди во сите сфери од општеството. Била изразена и определбата за унапредување на добрососедските односи и за надминување на надворешните предизвици кои ги попречуваат европските и евроатланските интеграции на земјата. Двете страни се согласиле во следниот период да има интензивна координација со цел менаџирање на ефектите од мигрантската криза. Република Македонија не може да постапува различно и небалансирано со однесувањето на останатите земји кои се наоѓаат на балканската рута затоа што во таков случај би се создал притисок на финансиските, институционалните и организационите капацитети на државата, пишува во владиното соопштение.
Миле Ристески
