Зголемени безбедносни мерки во Стразбур

24.11.2015 12:49

Стразбур по своето симболично значење е меѓу најизложените градови во Франција и Европа на терористичките напади. Но градските власти не се откажуваат од планираните манифестации, тоа за МРТ го потврдува градоначакникот на Стразбур, Роланд Риес...

Засилените безбедносни мерки се видливи и властите од Стразбур прават се за да животот продолжи и понатаму колку што е можно во вакви услови, а истовремено завршуваат и подготовките за Божиќните и новогодишните празнувања.

„Ние правиме се што е во наша надлежност да ја гарантираме сигурноста на жителите на Стразбур, како и на сите што доаѓаат од далеку. Но тоа што ми изгледа поважно денес е што Светскиот форум за демократија се одржа, бидејќи некои си го поставуваа прашањето дали оваа или слични на оваа манифестации треба да се одржуваат, бидејќи можат да бидат мети на непријателите на демократијата“, вели Роланд Риес-градоначалник на Стразбур.

Разбирливо во Стразбур – првата европска престолнина, кој е седиште на повеќе европски институции, како Советот на Европа, Европскиот парламент или Европскиот суд за човекови права се зголемени безбедносните мерки.

„Се разбира дека се зголемени безбедносните мерки, зголемена е бројноста на полицијата, армијата сега патролира на улиците, планот „Вижипират“ е на повисоко ниво, но никогаш не сме целосно заштитени, посебно кога имате работа со лица кои се подготвени да го жртвуваат својот сопствен живот и да однесат во смрт максимален број  луѓе. Вистинскиот одговор е во разузнувањето, за да се избегне и спречи  делото. Пример за тоа е акцијата во Сен Дени“, додава Риес.

Додека другите градови ги откажуваат големите културни манифестации, како празникот на светлината во Лион или празнувањата за Свети Никола во Нанси, градските власти на Стразбур одлучија да го одржат традиционалниот Божиќен пазар, кој патем ќе го има своето 445 издание, но овој пат со засилени безбедносни мерки.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ