Експерти: Банките сами решаваат за работењето
Политичарите не можат да им кажуваат на банките како да располагаат со своите средства. Народна банка е таа која го регулира пазарот. Ова е реакцијата на економистите по вчерашното предупредување од лидерот на СДСМ до банкарите за учество на аукциите на државни хартии од вредност...

Не би требало преку механизми на таканаречени контроли, блокади или вета да се спречува реализирање на тековни обврски предвидени во Буџетот- смета академик Абдулменаф Беџети. Според него, пензионерите се изманипулирани и не треба да се плашат. Обврските за пензии се предвидени и течат, а од кои извори ќе дојдат парите зависи од кондицијата на државната каса, вели Беџети за кого ова е само дел од агендата на партиите. Вели- не е ништо ново дека Пензискиот фонд ни е зависен од Буџетот, но не треба сега да се дебатира за тоа. Според економските експерти расходите за пензии се структурни, предвидени во буџетот и се оперативни.
„Вие мора да препознавате што е тоа функционирање на држава, а што е тоа дневна политика. Мора да ги разликуваме овие работи. Некој пат не ги разликуваме. Државност претставува почитување на институциите. Вие сте гласале за тој буџет, за тие стратегии или сте биле против, но тие добивале легитимитет во Собрание. Нема што сега да дебатираме за нешто што е познато. Можеби тоа вам не ви се допаѓа, можеби не ви одговара. Правите дебати за причините, за тоа што не доведе до тоа, но немојте да ги спречувате. Ова е мешање на последиците. Вие може да создадете непотребна паника“, објаснува академик д-р Абдулменаф Беџети.
Функционирањето на едно министерство со два потписа не е нормален начин на работа, но ќе мора да се толерира до изборите, вели академик Таки Фити. За него е оправдана реакцијата на Централната банка која го осуди обидот за мешање на политиката поврзано со емисијата на државни записи.
„Комерцијалните банки за под надзор и супервизија на НБРМ. Таа го регулира банкарскиот бизнис и не може сега тие да постапуваат според изјавите на политичарите. На крајот на краиштата добриот банкар и менаџер никогаш нема да слуша она што ќе му го каже некој политичар, сеедно од која политичка провиниенција е, дали од една или друга партија, бидејќи банките си го гледаат својот интерес. Се знае кога тие ќе вложат во државни записи. Знаат која треба да биде долгорочноста. Знаат да го проценат и ризикот, дури и кога вложувате во државни хартии од вредност“, изјави академик д-р Таки Фити.
Гувернерот преку изјавата праќа сигнали до банките и индиректно ги потсетува дека се независни и сами одговараат за вложувањата пред акционерите и не треба во тоа да се меша политиката, вели академик Фити.
Свето Николовски
