Чествување на Св. Климент Охридски- Чудотворец
Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог...

Македонската православна црква денеска го празнува споменот на својот патрон свети Климент Охридски - Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Свети Климент Охридски - Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ.
Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог.
Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање.
По смртта на Кирил во Рим, свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на Св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година Свети Климент заедно со Свети Наум и Свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба.
Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
