Ќе се гради нов далекувод што ќе ги поврзува Македонија и Албанија

10.12.2015 13:19

МЕПСО потпиша договор со Европската банка за обнова и развој. Со 37 милиони евра за 400 киловолтен далновод, ќе се поврзат македонскиот и албанскиот електропреносен систем. Освен 95 километри далновод ќе биде изградена и трафостаница во Охрид. Во рамките на прокетот ќе биде искористен и грант од 12 милиони евра на ЕУ.

МЕПСО склучи договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за кредит од 37 милиони евра наменети за финансирање на изградбата на нов 400 киловолтен интерконективен далекувод што ќе ги поврзува електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија.

Со кредитот ќе бидат изградени 95 километри 400 киловолтен далекувод од Битола до македонско-албанската граница и нова трансформаторска станица во близина на Охрид. МЕПСО во овој проект ќе учествува и со сопствено учество на средства кои се дел од грантот добиен во износ од 12 милиони евра од фондот Инвестициска рамка за Западен Балкан и Европската унија и од средства на Европската унија.

Со новиот регионален проект МЕПСО го заокружува енергетскиот коридор 8, со што целиот Балкан добива многу. Меѓу најважните придобивки се:  електроенергетско поврзување од Црно море до Јадранско море, зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија и посигурна работа на системите, потенцираше генералниот директор на МЕПСО, Синиша Спасов.