Директните средби даваат резултат, наскоро Кол центар за комуникација со земјоделците
Заменик министерот за земјоделство Костадиновски информира дека досега се посетени повеќе од 200 населени места. За две недели треба да профункционира и кол центарот...

Акциониот план за директни средби со земјоделците, што се реализира од август дава резултати. Заменик министерот за земјоделство Костадиновски информира дека досега се посетени повеќе од 200 населени места. За две недели треба да профункционира и кол центарот.
„Земјоделците на тој начин на едно место во Кол центарот ќе можат порационално и поефикасно да добиваат одговор. Ќе можат да постават прашања од различна природа, вклучувајќи и од аспект на корупција, барање за субвенции, проблеми од ветеринарна природа, земјишна политика... Така ќе може да одговориме побргу со стручни лица за да може навреме да ги добиваат одговорите максимум во рок од 24 часа“, рече денеска на прес-конференција заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.
Најави и дека тимови на Министерството ќе продолжат со посетите на терен со цел на средби со земјоделците директно да се запознаат со проблемите со кои се соочуваат и да одговарат на прашањата поврзани со програмите и мерките во земјоделскиот сектор.
