Советот за безбедност на ОН утре ќе расправа за запирање на финансирањето на ИД
Во четврток, Советот за безбедност на Обединетите нации ќе расправа за донесување на резолуција за запирање на финансирањето на Исламската држава. Со седницата во седиштето на ООН во Њујорк ќе претседава американскиот секретар за трезор Џек Лу, а на која ќе присуствуваат министри за финансии на сите земји членки на советот...

САД и Русија се иницијатори на нова резолуција на Советот за безбедност на ОН, со која ќе се зајакнат глобалните напори за запирање на финансирањето на тероризмот. Резолуцијата што треба да биде усвоена на 17-ти декември во Њујорк предвидува долгорочни санкции против терористичките групи како Ал-Каеда и Исламската држава.
Министрите за финансии на 15 земји членки на Советот за безбедност ќе разгледаат и други мерки за прекинување на финансиските извори на Исламската држава, како трговијата со нафта и сомневањата за инволвираност на некои земји сојузници во оваа нелегална трговија.
Според американскиот секретар за трезор Џек Лу, оваа резолуција е важен чекор за координирање на напорите за стопирање на финансиите на ИДИЛ, и дел од стратегијата за уништување на оваа терористичка група. Американскиот Департмент за трезор минатата недела го стави синот на турскиот претседател Ердоган на списокот на лица коишто поддржуваат тероризам.
Новата резолуција на Советот за безбедност ќе биде слична на резолуцијата од 99-та година за запирање на финансирањето на Ал-Каеда и нејзиниот лидер Осама Бин Ладен.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
