Државата ќе им помага на младите да добијат сопствен дом
Младите до 35 годишна возраст ќе добијат помош од државата за да дојдат до сопствен дом. Најновата владина мерка ќе им помогне да купат куќа, да ја изградат или да ја доградат. Реализацијата на проектот е планирана за од февруари наредната година.

Со пари од државата младите до 35 години да дојдат до сопствен дом. Владата го лансираше мега проектот „Купи куќа“ кој се однесува на младата популација на која и се овозможува да реши едно од најважните животни прашања. Проектот почнува за неполни два месеца, а ќе се реализира преку два модела. Преку првиот, државата 11 години ќе ја плаќа ратата од кредитот. Во првите 8 години, државата ќе покрива 80 проценти од ратата, во преостанатите три годни- 50 отсто. Или, ако ратата е 200 евра, во првите 8 години, државата ќе покрива 160 евра, во преостанатите три 100. Вториот модел е за учеството. Државата ќе ги покрие сите трошоци, односно ќе ја плати целата сума од учествтото. Средствата се неповратни.
„Очекуваме проектот Купи куќа да даде уште поповолен ефект и да помогне на голем број семејства да се стекнат со сопствен дом, со сопствена куќа. На почетокот е потребна поддршка, а ние преку овој проект таа поддршка ја обезбедуваме. Сакаме да дадеме една добра шанса за младите да решат едно од животните прашања- обезбедувањето на сопствен дом. Убеден сум дека овој проект, Купи куќа за млади ќе им обзбеди мноштво позитивни ефекти на младите луѓе. Ќе продолжиме и понатаму да даваме силна поддршка на младите луѓе преку многу други проекти и преку многу други мерки. Младите и понатаму ќе останат во фоусот на нашето внимание“, соопшти премиерот Груевски.
За првиот модел, субвенции за рата, владината помош за кредит од 50.000 евра ќе изнесува 33 илјади евра, додека за вториот субвенции за учество, за кредит од 50.000 евра државата ќе помогне со околу 12.500 евра, кои ќе се исплатат веднаш. Финансиската помош ќе важи за кредитите до 50.000 евра, периодот за отплата може да изнесува најмногу 20 години. Првиот финансиер тврди – има пари за проектот во државната каса.
„Во Буџетот за 2016-та се предвидени средства за проектот, меѓутоа колку точно ќе бидат фискалните импликации ќе зависи од интересот и од процесот на одобрување на кредитите од страна на банките. Соодветно на тоа што ќе се случува на терен и колку лица ќе бидат заинтересирани тој износ првично што е вклучен во буџетот може да се менува. Првично има средства, тие се предвидени, а Собранието ги одобри со Буџетот за 2016-та“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Проектот ќе почне да важи од први февруари, со него се опфатени млади брачни другари или поединци, со примањата до 900 евра за поединец и 1.300 ако барателите се во брачна заедница. По најповолни услови ќе можат да изградат, купат или доградат куќа.
„Проектот Купи куќа за малди е проектиран само да се однесува на стекнување куќа, а не за стан- од причини за поддршка на наталитетот. Затоа што е докажано со редица студии во светот дека куќата како живеалиште обезбедува поголема мотивација за проширување на семејството и услови за повеќедетни семејства. Сите светски студии за наталитетот покажуваат дека брачните парови кои живеат во куќи многу почесто се определуваат за повеќе деца отколку оние кои живеат во стан“, потенцира Груевски.
Според премиерот Груевски проектот треба да им помогне на голем број семејства да се стекнат со сопствен дом. Паралелно, проектот ќе значи поддршка и за градежништвото, затоа што овој сектор ќе обезбеди поголема профитабилност и ќе отвори нови работни места. На општините кои ќе изготват детални урбанистички планови, а со кои ќе се предвидат нови населби со најмалку 100 куќи, владата ќе им ги плати дел од комуналиите.
Викторија Милевска
