Добрососедски релации меѓу Македонија и Бугарија

17.12.2015 17:23

Македонија е отворена за дијалог, во Бугарија гледаме партнер за евроатлантска интеграција- порака од вицепремиерот Бесими по средбата со шефот на бугарската дипломатија. Митов најави дека Бугарија и дава целосна поддршка на Македонија за нејзино членство во ЕУ...

Позицијата на Бугарија е јасна. Даваме поддршка на Македонија за нејзино членство во ЕУ. Се надеваме дека обврските ќе бидат исполнети, а претстојните избори во вашата земја ќе бидат успешни и добра основа за натамошни реформски процеси, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Даниел Митов по средбата со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.

Освен европската интеграција, втора клучна тема на која се разговараше во Софија е Договорот за добрососедство. Двете земји се обединети околу идејата дека е потребно негово финализирање, но како што рекоа – не можат да се постават конкретни рокови, затоа што нивното евентуално пробивање би било обесхрабрувачко за двете страни.

Двете земји се едногласни дека треба да се развива регионалната соработка, посебно во делот на транспортот и енергетиката. Работната посета на Бугарија, Бесими ја заврши со средбата со вицепремиерот за европски политики Меглена Кунева.

Додека во Атина течат средбите за наоѓање решение за спорот со името, рече Бесими, јас овде во Софија го повторувам ставот дека Македонија е отворена за дијалог. Важно е, рече вицепремиерот, да се решат сите прашања со соседите и да се негуваат добрососедските односи, а во Бугарија гледаме партнер за нашата евроатлантска интеграција.

Анита Димитријевска