Во акцијата „Геодет“ уапсени 19-мина за катастарски малверзации
Алармот за криминал во Агенцијата за катастар го вклучила внатрешната контрола која при чешлање на документацијата установила дека во голем дел од предметите не се постапува законски. Ја известиле финансиската полиција...

Деветмина сегашни и двајца поранешни вработени во Агенцијата за катастар се осомничени дека со свои соработници незаконски присвоиле имот вреден 5 милиони евра. Во акцијата „Геодет“ се уапсени 19-мина. Од крајот на минатата година, па се до летото оваа, десетици катастарски парцели од скопскиот регион кои биле сопственост на државата ги запишувале на физички лица. За финансиски надоместок префрлувале и имот од еден на друг сопственик, без знаење на вистинскиот газда.
Алармот за криминал во Агенцијата за катастар го вклучила внатрешната контрола која при чешлање на документацијата установила дека во голем дел од предметите не се постапува законски. Ја известиле финансиската полиција.
Истрагата покажала дека мозок на операцијата била 33 – годишна жена, до скоро вработена во правната служба на Агенцијата за катастар. По нејзини директиви, криминалот се реализирал преку тројца раководители, колеги од Агенцијата, шалтерски работници и поголем број геодети.
Осомничени се за злоупотреба на службената положба, соизвршителство, примање поткуп, поднесување на лажни докази и помагање.
Анита Димитријевска
