Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божик

05.01.2016 10:20

Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Православните христијани во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Христовото раѓање- Божик. Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде на годинашниот кум, Илија Малинковски- Ики, ќе му биде врачен преоден Бадникарски ќуп.

Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.