Велешка „Порцеланка“ ќе се рестартира, најавени 1.000 нови вработувања
Индиска групација влезе во велешка „Порцеланка“. Планира да вложи 30 милиони евра и да отвори илјада работни места. Компанијата има годишен обрт од 500 милиони долари. Производството ќе оди за извоз на европскиот пазар...

БРЏ групацијата е новиот сопственик на некогашна Порцеланка. Договорот за првата браунфилд инвестиција во Велес го потпишаа министерот за привлекување на странски инвестиции Џери Наумов, и Санди Гојалд и Санџари Банбдари во име на инвеститорот. Процесот на преговарање траел повеќе од една година.
„Оваа инвестиција е резултат на нашите заложби да вратиме во живот колку што можеме повеќе од фабриките кои згаснаа во времето на транзицијата. Тоа е исклучителен важен период од нашата историја која остави без работа илјадници граѓани ширум нашата држава и стави клуч на многу фабрики низ Македонија“, изјави премиерот Никола Груевски.
БРЏ е брзо растечка индиска компанија. Има 6 фабрики, 13 илјади вработени и годишен обрт од 500 милиони евра. 31 милион евра планираат да инвестираат во фабриката во Велес во која планирано е да се вработат 1000 лица.
„Нашата фабрика во Велес којашто се наоѓа во просториите на поранешна Порцеланка ќе го фокусира своето производство главно на производи од челик коишто ќе се продаваат на пазарите во Европа, Северна Африка и на Блискиот Исток“, рече Санџари Бандари – БРЏ групација.
Привлекувањето на инвеститори е макотрпна работа, вели министерот Ставрески, потенцираќи дека ова е уште еден доказ дека дадениот збор се исполнува.
„Нашето ветување беше дека ќе донесеме инвестиции во Велес кои ќе значат нови работни места и кои ќе го подобрат животот. Токму тоа денеска се случува“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Се враќа индустрискиот сјај на Велес. Градот се промовира како микро регион привлечен за инвестиции.
„По долгите години на мрачната транзиција, граѓаните на Велес ја дочекуваат втората поголема странска инвестиција што ќе внесе нов живот во некогашниот македонски индустриски гигант“, нагласи градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
Оваа инвестиција премиерот Груевски ја најави во март минатата година.
Дијана Иванова
