Воената академија прераснува во Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир
Владата до Собранието достави предлог- законот за формирање Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир. Треба да го носи името „Дамјан Груев“...

Воената академија прераснува во Универзитет. Идните кадетите ќе може да ја следат наставата на Воената академија за копнена војска, Воздухопловна академија и на Факултетите за безбедност, медицина, за мировни студии и кризен менаџмент и право.
Истражувачката дејност ќе се одвива на Институтот за командни и штабни функции и лидерство и на Институтот за информатички технологии и сајбер безбедност, вели ресорниот министер Јолевски. Намерата е Универзитетот да биде од меѓународен карактер.
Ќе може да студираат и питомци од странство. Неколку години наназад на Академијата има студенти од Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Косово. Во Центарот за обука на пилоти, пак, освен од Црна Гора и Хравтска се обучуваат кадри дури од Нигерија. Годинава еден семестар наши кадети ќе се школуваат на најстариот американски Универзитет „Норвич“.
Иако често оваа професија се доживува како машка, една третина од студентите од втора година на Воената академија се припаднички на понежниот пол. Застапеноста на жените во одбраната се движи до 8 проценти, во рамките на стандардите во земјите- членки на НАТО.
Фиљана Кока
