Пржино

Без консензус за избори на 24 април, ќе следат партиски консултации

16.01.2016 08:13

Договорот од Пржино не е мртов и доколку сите партии останат посветени на него можно е да се одржат фер и демократски избори согласно европските стандарди, оцени ноќеска еврокомесарот Јоханес Хан по завршувањето на заедничката средба со лидерите на партиите потписнички на договорот од Пржино...

Четирите партии не успеаја да постигнат консензус за избори на 24 април. Сепак, договорот од Пржино не е мртов и доколку сите партии останат посветени на него  можно е да се одржат фер и демократски избори согласно европските стандарди, оцени ноќеска еврокомесарот Јоханес Хан по завршувањето на заедничката средба со лидерите на партиите потписнички на договорот од Пржино.

Сметам дека трите партии ќе се држат до овој договор. Но, очекувам сите партии да бидат посветени на овој договор бидејќи тој покрива многу елементи кои се важни за иднината на земјата, и затоа треба да продолжат да работат на него. Воедно, повторно ги уверувам сите дека евроспките институции ќе останата посветени да и помогнат на земјата. Затоа побарав од Ванхауте да остане и да продолжи со напорите за посредување во разговорите кога станува збор збор за ситуацијата со медиумите, рече Хан.

Тој увери дека доколку партиите се договорат за одржување предвремени избори, ќе бидат распоредени претставници на европските институции за мониторинг на подготовките за избори и на изборниот процес, како и на целата ситуација во земјата.

Cега останува на политичките партии да донесат конечна одлука. Можам само да ги поттикнам сите да учествуваат во изборите. Постигнување е да се има слободни избори. Треба да се погрижиме овие избори да се спроведат на начин согласно нашите очекувања, односно стандарди и ако тоа е случај ги поттикнувам сите партии да земат учество со цел да се гарантира политичката ситуација, нагласи еврокомесарот Хан.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски нагласи дека на средбата три од партиите биле за да се договорат сите детали за целосно исполнување на договорот од Пржино и за одржување на предвремени парламентарни избори на веќе договорениот датум - 24 април, а само една партија, односно еден човек дошол со намера да се одложат изборите.

Прецизира дека не било прифатено од другите три политички партии барањето за одложување на изборите и додаде дека од утре ќе прават пошироки партиски и општествени консултации за тоа кои ќе бидат нивните следни чекори.

Комесарот Хан на денешните состаноци јасно ни кажа дека претседателот на ДИК го известил дека  не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24 април. Исто така, не информираше дека од ОБСЕ го известиле дека не постојат пречки за одржување на изборите на 24 април. ОДИХР исто го информирале дека нема пречки и дека има време се да се подготви за изборите да се одржат на 24 април. Само еден човек се обидува да ја продолжи кризата во Република Македонија и да ја продлабочи затоа што со неговото однесување не само што не може да се реши, туку може да се продлабочи кризата, изјави Груевски.

Тој човек, нагласи, дојде на преговорите со барање и инсистирање да се одложат изборите.

Денеска  не се зборуваше за никави детали околу изборите, а не се зборуваше ни за Законот за медиуми, ниту, пак, за методологијата  за прочистување на избирачките списоци, бидејќи Зоран Заев не сакаше за тоа да се зборува. Тој инсистираше да се прифати од страна на сите политички партии дека е добро да се одложат изборите. Ни потроши повеќе од 12 часови за цело  време да бара, да моли, да убедува и да инсистира да нема избори на 24 април, посочи Груевски.

Рече дека им е јасно оти тоа го прави зошто ќе ги изгуби изборите и додаде дека тоа е неприфатливо и крајно неодговорно однесување.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по завршувањето на средбата изјави дека преговорите пропаднале и дека СДСМ нема да учествува на избори ако се одржат на 24 април.

За нас не се прифатливи избори без навремена регулација на медиумите и без навремено прочистување на Избирачкиот список. Ако се одржат избори на 24 април ние нема да учествуваме, а ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски услови за одржување на избори, рече Заев.

Лидерот на ДУИ, пак, Али Ахмети нагласи дека тие побарале да се почитува договорот од јуни и јули и сите досегашни достигнување, како и да се постават државните интереси над партиските.

Сите страни имаа разлики и за жал не постигнавме согласност во однос на датумот на изборите. Три политички партии се согласија за договорот и крајно почитување на договореното, а една од партиите не се согласуваше со датумот на изборите, изјави Ахмети.

Тој додаде дека смета оти за датумот на изборите треба да се постигне консензус и посочи дека во следните денови ќе се продолжи со преговори и разговори за да се постигне согласност.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи прв ја напушти средбата, но не даде изјава за медиумите. Тој порано дента, пред средбата посочи дека остануваат на ставот закажаните предвремени избори не треба да се одложуваат.

Олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте рече дека во неделите што следат ќе продолжат да работат особено на итните приоритети.