Полска 2016: Македонија во втората фаза, очекувањата позитивни

20.01.2016 16:55

Со голот на Манасков, Македонија е во втората фаза на европското првенство во Полска. Нашите ракометари во новата група се со Норвешка, Хрватска и со Белурисија. Љубителите на ракометот очекуваат во претстојните натпревари да дојдеме и до првата победа...

Само неколку секунди пред крајот на натпреварот Македонија – Србија, Манасков постигна гол со кој ракометарите влегоа во втората фаза од Европското првенство. Со тоа гледачите ќе може да уживаат во уште три нови натпревари, со Хрватска, Белорусија и Норвешка. Љубителите на ракометот задоволни што репрезентацијата продолжува и понатаму.

„Треба да одат до финале... Се надевам дека ќе ја победиме Норвешка, за Хрватска не знам... Ги поддржуваме до крај... Треба да победиме со Норвешка и Белорусија, очекувам да стигнеме до 6-то или 7-мо место“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Според познавачите, нашата репрезентација во натпреварот со Хрватска е во предност бидејќи Ивица Обрван ги познава повеќето ракометари кои се дел од репрезентацијата на Хрватска, па тоа може да го искористи како адут за утрешната средба.

Мислам дека сега веќе нема да го има тој психолошки притисок, како што кажа Лазаров, ја исполнивме онаа цел со која тргнавме, да се пласираме во вториот круг и мислам дека притисокот сега е анулиран и дека ќе одиме да се надигруваме, вели Мартин Клинчаров, поранешен ракометар.

Натпреварот со Хрватска се игра утре со почеток од 20:30 минути. Дуелот против Норвешка е четири дена подоцна, на 25 јануари, a силите со Белорусија ќе ги одмериме на 27 јануари.

 

Наташа Јанчиќ