Одбележан Денот на рибарите во Охрид

21.01.2016 10:43

Традицијата на уникатно одбележување на верскиот празник Свети Јован Крстител,кој во Охрид се слави како ден на рибарите продолжува. Охриѓани и гостите уживаа во уште една атракција на вода, во греаната ракија, виното и рибната чорба.

Неколку десеттици млади верници и денеска запливаа во ладните езерски води продолжувајќи ја традицијата на своите претци кои на тој начин ја искажувале приврзаноста кон езерото. Уживајќи во сончевиот ден повозрасните охриѓани по кој знае кој пат ги прераскажуваа старите рибарски приказни и обичаи.

„Никогаш не се посакува на рибар- ајде Господ да помогне да уловите или кога ќе оди кон чунот некој да им свири. Најголемата риба е 22 килограми пастрмка, уловена во 1971 година на 12-ти јануари, да не речам рибокрадена е“, вели Љупчо Чаулевжител на Сараиште.

Учениците и професорите од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ и овој пат приготвија 1.600 литри рибна чорба од лосос.

„Често пати не прашуваат зошто не со пастрмка. Со пастрмка не, затоа што е многу нежна и нема да се познава во чорбата“, вели Блаже Јорданоскинаставник по готварство.

На локалитетот Сараиште се собраа неколку илјади граѓани и гости кои уживаа во вкусот на греаната ракија, виното и рибната чорба.

„Јас сум од Малезија и вчера и денеска уживам во ова верско,но и народно празнување. Прекрасно е овде, со љубезни луѓе секогаш е убаво да се наздравува“, вели туристка од Малезија.

„Ние сме од Воден и дојдовме со мечкарите да присуствуваме на овој празник“, вели турист од Грција.

Од охридската локална самоуправа со најава дека во иднина ќе се нудат многу повеќе содржини за привлекување на што поголем број туристи.

„Направивме неколку манифестации кои ќе го збогатат  овој празник и кои што, кој што во иднина ќе се трудиме да стане една од манифестациите кои што ќе овозможат продолжување на туристичката сезона“, вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Традицијата на рибарското капење започнала во минатиот политички систем, кога се забранувало фрлањето на крстот на Водици. Поради тоа верниците тајно го правеле тој ритуал следниот ден на празникот Свети Јован Крстител.

Сашо Нелоски