Давос: Се бараат нови пристапи за справување со економските предизвици
Светската политичката и бизнис елита на економски форум во Давос. Денеска во фокусот мигрантската криза. Се бараат нови пристапи за справување со економските предизвици...

Новите технологии ги загрозуваат работните места, затоа што светот влегува во ера на брз развој на роботика и на вештачката интелигенција, порачуваат експертите на Светскиот економски форум во Давос. Четвртата индустриска револуција ќе донесе побрз циклус на иновации што ќе ги стави компаниите, вработените, владите и државите пред големи предизвици. Звучи неверојатно, но до 2025-та реалност ќе бидат 3Д печатење органи за трансплантација, очила поврзани на интернет, мобилни имплантирани во човековото тело. Но, реалноста е комплексна и во фокусот на Форумот во Давос се најде бегалската криза и предизвиците што ги носи на стариот континент. Европа е соочена со политичка неслога околу миграцијата и приемот на азиланти.
„Во првите три недели од оваа година 35 илјади луѓе во зима го минаа морето од Турција кон Грција. Лани имаше вкупно 600 за цел јануари. Кога ќе дојде пролетта бројките ќе се зголемат за четирипати“, вели Марк Рут, премиер на Холандија.
„Не можеме да дозволиме да ја оставиме Африка на тероризмот, имаме целосен хаос во Либија, мигрантска криза, движење од Сирија кон Европа. Мора да интервенираме допломатски, но и да дејствуваме заеднички на воено поле преку разузнавачките служби“, рече Мануел Валс, премиер на Франција.
„Постои потреба, тоа не е само избор, но тоа е неопходност и мора да најдеме решение. Во противно многу повеќе милиони ќе мигрираат преку Турција во Европа и насекаде, и ќе продолжи кризата со глобален карактер“, вели Ахмет Давутоглу, премиер на Турција.
Грција повикува на солидарност и одговорност. Премиерот Ципрас вели дека треба нешто да се направи, некој механизам што ќе помогне во префрлање на бегалците од Турција и од Грчките острови во другите делови на Европа.
Свето Николовски
