Постручен кадар со обуките во странство

22.01.2016 16:33

Методите и техниките стекнати од обуките во странство се применуваат во нашите болници. Лекари од гинекологија за првпат извеле сложена операција, која досега не се правела во земјава...

Пациентка со вагинален карцином во напредна фаза успешно е оперирана на Клиниката за гинекологија. Оваа интервенција прв пат е направена во државава во соработка со доктор од пластична хирургија. Доктор Алулоски ја изврши операцијата по враќањето од Хамбург каде што престојуваше два месеца на доедукација.

„Неопходно беше да се направи радикален зафат, со отстранување на промената, но очекувавме да има голем дефект што требаше да се моделира. Соработувавме со колега од пластична хирургија. Радикални вулвектомии на клиниката се работат, меѓутоа од ваков обем досега не е направена“, вели д-р Игор Алулоски, Клиника за гинекологија и акушерство. 

Доктор Алулоски и доктор Стојчевски често интервенциите ги изведуваат тимски. Заедно извршиле специфична операција кај пациентка со два одделни карцинома на јајчник и на грлото на матката. Во Германија ги обновиле и знаењата и техниките.

„Обновивме многу знаења, неколку хируршки техники кои извесно време не се користеа на нашата клиника. Дел од нив веќе применивме“, додава д-р Сашо Стојчевски, Клиника за гинекологија и акушерство.

Докторите велат дека во Германија повеќе од 50 проценти од гинеколошките операции се изведуваат лапароскопски. Оваа техника почнува да се применува и кај нас.

И годинава на доедукација во странство ќе заминат 1.000 здравствени работници, од кои 800 се лекари.

 

Андријана Атанасовска