Пречистување на избирачкиот список

Новаковски: Во ДИК има искусни професионалци

22.01.2016 17:06

Државната изборна комисија веќе мораше да ја донесе методологијата за пречистување на избирачкиот список, смета поранешниот претседател на ДИК, Новаковски. Според него, 8-те милиони евра за предвремените избори е преголема сума, ако се има предвид фактот дека за претседателските и локалните беа потрошени двојно помалку...

Со најавеното распуштање на Собранието на 24-ти февруари, течат и роковите произлезени од надлежностите на ДИК. До 5-ти март на јавен увид треба да се стави пречистениот избирачки список, кој ќе се проверува и теренски.

За поранешниот претседател на ДИК, Новаковски, часовникот во пресрет на изборите на 24-ти април неминовно отчукува, но смета и дека Државната изборна комисија повеќе години работи со соодветен, професионален персонал, особено во подрачните единици, што веќе можел да се посвети на ова прашање.

„ДИК мораше веќе да има донесено одлука во однос на методологијата за пречистување на избиралчкиот список. Веднаш да се утврди каква е состојбата со избирачкиот список, ДИК да ја соопшти во јавноста и на партиите, и со ресурси коишто ќе се понудат може да се оформи избирачки список, кој ќе е  веродостоен и кредибилен за одење на избори“, вели поранешниот прв човек на ДИК, Александар Новаковски.

Најавената финансиска конструкција од 8 милиони евра е фрапантна, оцени Новаковски, споредувајќи ја со сумата во времето на неговото претседавање со изборното тело, што спровело истовремено и претседателски и локални избори.

„Таа е фрапантна сума. За избори во еден круг изборен процес со пропорционален модел, бидејќи знаеме дека вториот круг е евентуален. Ние добивавме од 3 до 4 милиони евра, дел и враќавме, зборуваме за тогашен процес на локални и претседателски избори. Да се има предвид колкави суми се трошат, а тие доаѓаат од граѓаните“, вели Новаковски.

Јавниот увид на списокот е во функција нa добивање доверба кај граѓаните и гласачите, како и кај политичките субјекти, стандарди засновани на европскиот корпус изборни закони. Јавноста на работењето на ДИК е исто така еден од условите во подготовката и спроведувањето на изборите, вели за МТВ поранешниот прв човек на комисијата.

 

Зоран Богатинов