Иванов: Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот

27.01.2016 13:12

Претседателот Иванов учествува на 7-миот состанок на високо ниво во организација на меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и италијанското Друштво за меѓународни организации, што се одржува во Рим...

Претседателот Иванов е во работна посета на Италијанската република. Учествува на 7-миот состанок на високо ниво во организација на меѓународниот центар „Низами Ганџави“ и италијанското Друштво за меѓународни организации, што се одржува во Рим.

„Меѓурелигискиот дијалог, за кој се залагаме, има за цел почитување, а не надминување на различноста. Бидејќи целта на дијалогот е да ни помогне да живееме со нашите најдлабоки религиски разлики, без да ги занемаруваме или надминуваме“, порача во обраќањето претседателот Иванов.

Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните, муслиманите и Евреите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани, муслиманите помалку муслимани, ниту пак Евреите помалку Евреи. Напротив, сите станаа побогати со тоа искуство, потенцира претседателот Иванов, посочувајќи ги активностите на Македонија на полето на меѓурелигискиот дијалог на регионален и меѓународен план.

Во тој контекст претседателот Иванов потсетил дека Македонија годинава ќе биде домаќин на четвртата Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.