Презентиран кодексот за професионални и етички принципи на МРТ за медиумско покривање на изборите
Презентиран кодексот за професионални и етички принципи на МРТ за медиумско покривање на изборните процеси. Она што отсекогаш било заложба на јавниот радиодифузен сервис е непристрасното и правично претставување на кандидатите и точна информација. Интенција е кодексот на однесување да важи за сите изборни циклуси, но секако и во секојдневното работење на новинарите на МРТВ.

Јавниот радиодифузен сервис ја презема обврската да биде избаланисран и непристрасен во известувањето на изборите и да не дискриминира ниту една политичка партија, коалиција или независен канидат – ова е целта на етичките и професионалните принципи на МРТ според примерот на БИ- БИ- СИ. Говорниците на денешната промоција порачаа дека со целосно точни информации јавниот сервис ќе ги промовира демократските процеси и плурализмот.
„Урамнотеженоста, непристрасноста и независноста на медиумите, се суштинска состојка на слободни и фер избори. Од тие причини, Британската амбасада го стави како еден од главните приоритети, медиумскиот сектор во нашата билатерална соработка. Се подразбира дека изборите што ќе се случат оваа година имаат многу интересни карактериситки, односно, ако се спроведат како што е планирано, тоа ќе значи значителен чекор напред од хроничната политичка криза во државата“, изјави британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.
Личниот интегритет и општествената одговорност на вработените во јавниот сервис, пред сѐ на новинарите и уредниците, треба да биде правило не само за време на изборниот процес, туку практика во секојдневното работење, изјави извршниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски.
„Јавниот радиодифузен сервис ја презема обврската да биде урамнотежен и непристрасен во известувањето за изборите и да не дискриминира ниту една политичка партија, коалиција или независен кандидат. На сите партии и кандидати ќе им биде обезбеден правичен пристап до медиумите. Ова е основен принцип за спроведување на слободни, фер и транспарентни избори“, нагласи извршниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски.
Дел од изготвувачите на приницпите велат дека веродостојните избори во голема мера зависат од моќта на медиумите да функционираат на независен и професионален начин. Велат дека објективноста и урамнотеженоста се суштински за граѓаните да добијат слика за различните политички гледишта.
„Важно е да се нагласи тоа што МРТ го прифати овој документ, чие спроведување во пракса ќе значи професионално работење и поддршка за кредибилни и фер избори во државата“, изјави Марина Тунева, извршен директор на Совет за етика во медиумите на Македонија.
Определба е да се создаде основа што и помнатаму ќе се надгардува, а треба да поттикне примена на правилата на професијата со свесност за важноста на етиката во професионалното известување.
Етичките принципи за медиумското известување за изборните процеси ќе почнат да се применуваат веднаш.
Миле Ристески
