Заев: На 24-ти април избори нема да има
Лидерот на СДСМ смета дека се кратки роковите за спроведување на методологијата за проверка на избирачкиот список и дека ДИК е единствено надлежна за тајмингот за изборите...

На 24 април избори не може да има без целосно пречистен избирачки список и регулација на медиумската сфера,изјави лидерот на СДСМ Заев. Смета дека во Македонија не се можни избори без учество на опозицијата. Според лидерот на СДСМ, фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино кој е склучен за да се надмине политичката криза, а не да се продлабочи. Заев вели дека само Државната изборна комисија може да го одреди датумот за изборите откако ќе го заврши прочистувањето на избирачкиот список.
„Избирачкиот список е обврска и реална потреба. Неопходноста за проверка на избирачкиот список е помеѓу 85 и 90 дена. До 5 март како што е по закон, а тоа е 50 дена пред денот на изборите, има 37 дена. Ако се стигне до 15 април плус 50 дена, 5 јуни би можел да биде проектиран датум за избори. Ако се стигне до 15 мај, 5 јули би можел да биде првиот проектиран датум за избори“, рече Заев на денешната прес- конференција.
Претседателот на СДСМ рече дека опозицијата не се откажала од теренската проверка на избирачите. Опозицијата доставила неколку предлози за медиумите,но како што рече Заев,за нив е прифатлив предлогот на посредникот Ванхауте.
Милчо Велески
