ПРАВИЛНИК за користење службен мобилен телефон
ЈП МАКЕДОНСКА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА
Врз основа на член 138 став 1 алинеја 9 од Законот за радиодифузна дејност (Службен весник на РМ бр.100/05, 19/2007, 103/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011 и 13/2012) и член 46 став 1 алинеја 9 и 11 од Статутот на ЈП Македонска Радио Телевизија, Управниот одбор на ЈП МРТ на 31-ва седница одржана на 13.11.2012 година, донесе:
ПРАВИЛНИК
ЗА КОРИСТЕЊЕ СЛУЖБЕН МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник се определуваат корисниците на службен мобилен телефон и се уредува постапката на издавање, користење и раздолжување на службен мобилен телефон, ограничувањето на сметката и начинот на надоместувањето на недозволеното пречекорување.
Член 2
Службен мобилен телефон е мобилен телефонски апарат и претплатнички идентификационен модул (во понатамошниот текст: „Сим картичка“) на кој е придружен мобилен телефонски број.
Член 3
Корисници во смисла на член 1 од овој Правилник се:
1. Претседателот на Советот на МРТ
2. Зам. Претседател на Советот
3. Претседател на Управен одбор
4. Зам. Претседател на Управен одбор
5. Членови на Управен одбор
6. Извршен директор
7. Заменик извршен директор
8. Директор на МТВ,
9. Директор на МРА,
10.Одговорен уредник на прв програмски сервис на МРА,
11.Одговорен уредник на втор програмски сервис на МРА,
12.Одговорен уредник на трет програмски сервис на МРА,
13.Одговорен уредник на Радио програмски сервис преку сателит и
посебни радио програми – Радио Македонија,
14.Одговорен уредник на прв програмски сервис МТВ,
15.Одговорен уредник на втор програмски сервис МТВ,
16.Одговорен уредник на сателитски сервис на МТВ1,
17.Одговорен уредник на сателитски сервис на МТВ2,
18.Одговорен уредник на собраниски сервис на МТВ,
19.Директор на музичка продукција,
20.Директор на Заеднички функции
21.Помошник на извршниот директор
Работоводниот орган може да одобри користење на службен мобилен телефон со определен износ и на други вработени во ЈП МРТ кои извршуваат работи и работни задачи за кои е потребно користење службен мобилен телефон, а со кое се придонесува за поефикасно извршување на работите.
Секој корисник може да биде задолжен само со еден службен мобилен телефон и една СИМ картичка.
ПОСТАПКА ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ И РАЗДОЛЖУВАЊЕ СО СЛУЖБЕН МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН
Член 4
Склучувањето на договори за користење на мобилни телефонски броеви со мобилните оператори во Република Македонија, набавката на мобилни телефонски апарати, за корисниците од член 3 од овој Правилник, врши организациониот дел за заеднички функции на ЈП МРТ (во понатамошниот текст: „Службата“ ).
Член 5
Користењето на службен мобилен телефон од член 2 став 1 се остварува со лично задолжување (потпишување на реверс издаден од Службата).
Службата пропишува форма на реверсот од ставот 1 на овој член, кој ги содржи најмалку следните информации:
- податоци за вработениот;
- модел на мобилниот телефонски апарат;
- број на СИМ картичка;
- износ на висина на сметката;
- датум на задолжување;
- изјава на вработениот дека ќе ги почитува одредбите од овој Правилник.
Овластен работник од Службата, врз основа на потпишаниот реверс, му предава на корисникот службен мобилен телефон.
Член 6
Корисниците наведени во член 3 од овој Правилник, стекнуваат право на користење на службен мобилен телефон со денот на нивното именување, односно со денот на донесувањето на одлука за одобрување за користење на службен мобилен телефон, согласно став 2 на член 3 од овој Правилник.
Член 7
За корисниците од членот 3 став 2 на овој Правилник, потребата ја проценува и барање за користење на службен мобилен телефон го поднесува односно потврдува раководителот на секторот во кој корисникот ги извршува работните задачи.
Член 8
При распоредување на друго работно место со понизок ранг или отсуство од работа подолго од еден месец, престанување на работниот однос или разрешување, корисниците наведени во членот 3 став 1 и 2, должни се да го раздолжат службениот мобилен телефон каj овластениот работник во Службата најдоцна во рок од три дена пред истекот на рокот за одјавување.
Ако при раздолжувањето се утврди штета или недостаток, корисникот е должен да ја отстрани штетата или да го надомести недостатокот, во спротивно Службата ќе ја изврши поправката, а настанатиот трошок ќе му го одбие од плата на работникот.
Член 9
Секторот за човечки ресурси, должен е да побара и да обезбеди доказ за извршеното раздолжување на службениот мобилен телефон во текот на постапката за одјавување на корисникот од ЈП МРТ.
Член 10
Корисниците на службен мобилен телефон, должни се да ги користат рационално, само за службени потреби.
Во случај на неправилно користење на службениот мобилен телефон од страна на корисникот, Работоводниот орган доставува барање до Службата за ставање во мирување или одземање на службениот мобилен телефон.
Член 11
Во случај на оштетување на телефонскиот апарат или губење на СИМ картичката, корисниците се должни во рок од 3 дена писмено да се обратат до Секторот за финансиски прашања, со образложение на настанот.
Доколку се работи за физичко оштетување на телефонскиот апарат предизвикано од непредвидлив настан, корисникот е должен освен писмено известување во врска со начинот на оштетување да го врати и оштетениот апарат.
За оштетување на телефонскиот апарат или губење на СИМ картичката писмено се известува Службата.
Член 12
Доколку се констатира дека телефонскиот апарат е оштетен поради несовесна употреба од страна на корисникот, поради кражба за која корисникот нема валиден доказ дека е пријавена во надлежниот орган или поради губење, Службата врз основа на сметководствена документација, ја проценува вредноста на телефонскиот апарат и писмено ги известува Секторот за финансиски прашања и Секторот за правни работи и човечки ресурси.
Врз основа на известувањето, Секторот за правни работи и човечки ресурси изготвува решение за задолжување на корисникот да ја плати вредноста на мобилниот телефонски апарат.
По доставување на копија од извршената уплата на сметка на ЈП МРТ, на утврдената вредност, корисникот се стекнува со право на нов мобилен телефонски апарат.
Член 13
Постапувањето спротивно на одредбите на член 8 и 10 од овој Правилник од страна на корисниците на службен мобилен телефон преставува кршење на работната дисциплина согласно општите акти на ЈП МРТ.
ОГРАНИЧУВАЊЕ НА СМЕТКАТА И НАЧИН НА НАДОМЕСТУВАЊЕ НА НЕОДОБРЕНОТО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ НА ИЗНОСОТ
Член 14
За користење на службен мобилен телефон во смисла на овој Правилник се донесува одлука во која задолжително е утврдено ограничување на сметката.
Одлуката за определување на правото на користење на службен мобилен телефон, за вработените и работно ангажирани лица во ЈП МРТ, ја потпишува работоводниот орган на ЈП МРТ.
Во утврдените износи од став 1 на овој член е вклучена месечната претплата и данокот на додадена вредност, а не се вклучени користењето на основните опции (вклучувајќи разговори со странство-роаминг) кои ги нуди мобилниот оператор.
Член 15
По исклучок на член 14 став 1, се признава поголем износ на пречекорување од утврдениот, доколку корисникот на службен мобилен телефон бил службено во странство или имал службени повици во странство, или доколку корисникот во интерес на извршувањето на работните задачи или дополнително превземените обврски по насоки на непосредниот раководител го пречекорил ограничувањето на висината на сметката над определениот износ.
За признавање на износот од став 1 на овој член се приложува извод од деталната сметка во прилог на барањето.
Член 16
Работоводниот орган со Oдлука одобрува користење на службен мобилен телефон со ограничување до определен износ за следните корисници:
1.Претседателот на Советот на МРТ
2. Зам. Претседател на Советот
3. Претседател на Управен одбор
4. Зам. Претседател на Управен одбор
5. Членови на Управен одбор
6. Извршен директор
7.Заменик извршен директор
Работоводниот орган со Одлука одобрува користење на службен мобилен телефон со поединечно определен износ за секој пооделно, на следните вработени лица во ЈП МРТ:
1.Директор на МТВ,
2.Директор на МРА,
3.Одговорен уредник на прв програмски сервис на МРА,
4.Одговорен уредник на втор програмски сервис на МРА,
5.Одговорен уредник на трет програмски сервис на МРА,
6.Одговорен уредник на Радио програмски сервис преку сателит и
посебни радио програми – Радио Македонија,
7.Одговорен уредник на прв програмски сервис МТВ,
8.Одговорен уредник на втор програмски сервис МТВ,
9.Одговорен уредник на сателитски сервис на МТВ1,
10.Одговорен уредник на сателитски сервис на МТВ2,
11.Одговорен уредник на собраниски сервис на МТВ,
12.Директор на музичка продукција,
13.Директор на Заеднички функции
14.Помошник на извршниот директор
15.Други вработени (кои извршуваат работи и работни задачи за кои е потребно користење службен мобилен телефон, а со кое се придонесува за поефикасно извршување на работите).
Член 17
Примерок од Одлуката од член 16 став 1 и 2 од овој Правилник се доставува до Секторот за финансии во ЈП МРТ.
Секторот за финансии, по добивање податоци од Службата за заеднички функции, а ЈП МРТ за износот на месечната сметка по кориснички број и корисник подготвува споредбен преглед на корисници кои го пречекориле ограничувањето на висината на сметката над утврдениот износ по одлуката.
Секторот за финансии, преку архива, доставува поединечно известување до корисниците за направеното пречекорување.
Доколку корисникот кој добил известување за пречекорувањето, во рок од 3 дена поднесе писмено образложение со кое пречекорувањето го оправда, односно докаже дека е резултат на реализирани службени разговори, до Раководителот на Службата, може да одобри истиот да биде подмирен од страна на ЈП МРТ.
Член 18
Доколку се утврди дека не постојат оправдани причини за пречекорување на одобрениот износ, износот на направеното пречекорување се одбива од платата на корисникот, односно истиот треба да го надомести.
Член 19
Надзор над правилното спроведување на овој Правилник врши Службата.
Член 20
Службата Правилникот за користење на службен мобилен телефон ќе го објави на огласна табла на ЈП МРТ.
Член 21
Овој Правилник стапува во сила осмиот ден од денот на објавувањето на огласна табла.
Член 22
Со стапување во сила на овој Правилник престанува да важи Одлуката на Управниот Одбор на ЈП МРТ Бр.02-9583/1 од 16.10.2006 година за утврдување на правото и висината на трошоците за користење мобилни телефони и Одлуката на Управниот Одбор на ЈП МРТ Бр.02-4764/1 од 17.06.2010 година за утврдување на правото и висината на трошоците за користење мобилни телефони.
Управен Одбор на ЈП МРТ
Претседател
Дарко Стефановски
