Соработка за справување со бегалската криза

02.03.2016 13:10

На јужната граница денеска пристигна и словачкиот премиер Роберт Фицо кој заедно со министерот за внатрешни Спасовски заклучија дека мора да се штитат интересите на Македонија и покрај хуманитарната криза...

Над 10 илјади бегалци се во шаторите на грчката страна од границата со Македонија и според последните податоци сѐ уште пристигнуваат. Две илјади мигранти се истовариле ноќеска во пристаништето во Пиреја и тие организирано со автобуси се транспортираат кон прифатните пунктови на 10-тина километри од јужната македонска граница на потегот од Кукуш до Кожани.

На границата денеска пристигна и словачкиот премиер Роберт Фицо кој заедно со министерот за внатрешни Спасовски заклучија дека мора да се штитат интересите на Македонија и покрај хуманитарната криза.

„Ова е многу чувствително прашање, и ќе бидам многу краток. Најпрвин би сакал да ја повторам подготвеноста на мојата Влада за помош и координирање на активностите со Владата на Македонија. Се сретнав со вашиот претстедател во Прага, за време на средбата на Вишеградската група и сите земји од таа група изразија подготвеност  да помогнат. Станува збор  за луѓе,  техничка поддршка и за опрема. Знаете дека во понеделник ќе има Самит на ЕУ, и постои голема нервоза поради мигрантската криза. Сите веруваме дека мора да се усвојат европските решенија, но некогаш се покажува дека тие решенија не функционираат“, изјави премиерот на Словачка, Роберт Фицо.

Заради намалување на притисокот што го имаме на границата со Грција нашиот дневен пропуст на мигранти ќе зависи од тоа колку ќе бидат примени од земјите на ЕУ. За нас од исклучителна важност е да обезбедиме хуман третман и прием на овие луѓе, но не помалку важно е да ги заштитиме македонските полицајци и граѓани, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Поради новонастанатата состојба, македонската полиција и војска распоредија нови безбедносни единици на самата граница во близина на граничниот Камен 59.