Македонија не пропушта бегалци
По затворањето на словенечката граница кон Хрватска за мигранти без валидни пасоши и визи, практично се блокира „балканската рута“. Реагираа сите земји со идентична одлука. МВР соопшти дека вчера, ниту еден мигрант не бил регистриран во Гевгелија...

Ќе продолжат кон Европа или ќе останат заглавени во меѓуграничниот појас? Ова е прашањето на кое стотици луѓе чекаат одговор. 400 се на ничија земја. Во Србија не ги пуштааат, во Македонија не се враќаат.
„Јас сум од Авганистан и повеќе денови сум заглавен овде. Велат дека на авганистанците не им е дозволено да поминат. Ние немаме друга опција, единствена опција е да одиме напред. Овде има стотици луѓе кои се подготвени да умрат, ама назад нема да се вратат“, вели еден авганистанец во кампот во Табановце.
Додека нивната судбина се крои на интензивните состаноци на европските лидери, не им преостанува ништо друго, освен да најдат начин да ги исполнат со игра долгите часови неизвесност и чекање.
„Овде сме пет дена бидејќи српската полиција не ни дозволува да ја минеме границата. Луѓето се нервозни и лути бидејќи нема тушеви и доволно храна. Од дома сме излезени повеќе од два месеца. Неизвесно е кога ќе си го продолжиме патот.“
„Повеќе од два месеца сум излезен од дома. На мојата жена и е пресаден бубрег и таа е многу болна. Надвор е ладно, а во шаторот не можеме да се згрееме. Јас и сопругата сме решени да истраеме само заради нашите четири деца“, велат мигрантите кои ги анкетиравме.
Храна, вода, средства за хигиена засега има. На изнемоштените и болни им се укажува медицинска помош.
„Во вакви услови не можат да се здржат повеќе од пет дена, но има некои кои се веќе тука повеќе од две недели. Проблематично е за нив бидејќи се на половина пат и не знаат што ќе биде со нивната иднина“, велат од ЦУК.
Прифатниот камп во Табановце има капацитет за околу 1.000 бегалци. Во него моментално има околу 1.100 деца, мажи и жени, кои со денови чекаат воз кон западна Европа.
Политиката на Македонија е во земјава да се пропуштат онолку бегалци колку што ќе излезат на Табановце. Откако се затвори западнобалканската рута, и во нашата земја нема нов влез на бегалци. Ќе се чека 17 март, до кога се очекува да го конкретизира планот за менаџирање на бегалската криза.
Анита Димитријевска
