73 години од депортацијата на македонските Евреи

11.03.2016 10:12

Делегации од еврејската заедница ги посетија Битола и Штип, градови во кои до 1943 година имало големи еврејски заедници. Централното одбележување е во Скопје...

Еврејската заедница во Република Македонија денеска одбележува 73 години од депортацијата и холокаустот на 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка.

Делегации од еврејската заедница ги посетија Битола и Штип, градови во кои до 1943 година имало големи еврејски заедници. Централното одбележување е во Скопје.

Делегации од Владата, Град Скопје и од еврејската заедница ќе положат цвеќе на местото на привремениот логор, монополот и на еврејските и партизанските гробишта во Бутел.

Во салата за седници на Советот на Град Скопје, во 13 часот ќе се одржи комеморативна седница, на која ќе присуствува и скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој традиционално на овој ден се среќава со делегација на еврејската заедница во Македонија.