Експерти: Потребна е реформа на вооружените сили на САД

15.03.2016 10:33

Американските воени сили континуирано учествуваат во конфликти во светот од 2001-та година, но со поразлична задача и со помали ресурси. Затоа американски воени и цивилни лица сметаат дека е неопходно да се направи реформа на вооружените сили, финансирањето и опремувањето.

Безбедносната ситуација во светот денеска е многу поразлична од пред две децении, затоа е потребна адаптација и реформи на воените сили за ефикасно справување со предизвиците, оценуваат поранешни американски воени и цивилни претставници.

„Имаме значителна промена во начинот како се одвиваат конфликтите во светот. Тој е различен во однос на оној од пред 15-20 години. Државите се уште таму, но сега имаме и други актери и групи коишто влијаат на нашата способност да одржуваме безбедност и стабилност во светот“, вели пензионираниот адмирал Вилијам Фалон-поранешен Командант на американската Централна команда.

Според поранешни воени лица и вработени во Пентагон, постои дуплирање во командите, што доведува до помала ефикасност на силите на терен. Модернизацијата на силите е запоставена во последниве 30 години.

„Воспоставување на стратегиски приоритети за вооружените сили не треба да бидат резултат на бирократски преговори или на лични убедувања, туку производ на стратегиско лидерство“, смета пензионираниот генерал Нортон Шварц- поранешен шеф на штабот на американската авијација.

„Нашите сили речиси континуирано се распоредени во светот од 2001-та. На еден или друг начин, силите се сменија. Од сили распоредени на едно место, станаа сили со одредена намена со поголема софистицирана политика на ротација што ги стави на тест финансиски и оперативно одлуката да имаме само волонтерски сили“, вели Руди Де Леон- поранешен американски Секретар за одбрана.

Во моментов, американските сили бројат 1,4 милион активни припадници, над 13 илјади борбени авиони, над 8.000 тенкови и околу 450 воени бродови. Најмасовни операции се бомбардирањата против ИДИЛ на Блискиот Исток. 

Од 2011-та година, американскиот воен буџет е намален за 25 проценти.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ