Русија почна да ја повлекува воената опрема од Сирија

15.03.2016 12:56

Советот за безбедност на ОН ја поздрави одлуката на Русија да почне со повлекување и ја оцени како позитивен чекор, а иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Зариф го оцени како позитивен знак за одржување на примирјето во Сирија.

Русија почна да ја повлекува својата воена опрема од Сирија. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека првата група руски воени авиони денеска ја напуштила воздухопловната база во Сирија, вклучувајќи и непрецизиран број авиони СУ-34. Руската државна телевизија објави снимки на кои се гледа персоналот во руската база во Сирија како ја товарат воената опрема во транспортни авиони за враќање во Русија. Рускиот претседател Путин вчера нареди повлекување на поголемиот дел на руските сили од Сирија, додавајќи дека воената интервенција во главно ги постигнала своите цели. Тој исто така истакна и дека Русија треба да ја интензивира улогата во мировниот процес за да се стави крај на судирите во Сирија.

Советот за безбедност на ОН ја поздрави одлуката на Русија да почне со повлекување и ја оцени како позитивен чекор, а иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Зариф го оцени како позитивен знак за одржување на примирјето во Сирија.

Советот за безбедност на ОН вчера зад затворени врати расправаше за ненадејната одлука на Москва. Специјалниот пратеник на светската организација Стефан Де Мистура на членовите на телото им го поднесе извештајот за новата рунда мировни преговори која почна во Женева.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин изјави дека сите елеманти од сирискиот мировен процес се конечно на место, вклучувајќи го и престанокот на непријателството, доставувањето хуманитарна помош и преговорите.

Западните медиуми не го кријат изненадувањето поради ваквата одлука на Русија, а руските ја нарекуваат политичка победа, и додаваат дека ништо не може да го спречи Путин да ги врати воените сили во сирија доколку тоа е потребно.

 

Марина Автовска